Општина Битола не е надлежна да издаде одобрение за градење на споменикот на Еврејските гробишта

Октомври 02, 2019

Општина Битола не е надлежна да издаде одобрение за градење на споменикот на Еврејските гробишта, се вели во соопштението. 

Својата кооперативност, Општина Битола ја покажа на дело во рамките на активностите на Еврејските гробишта преку донесувањето на Одлука на Совет за поставување на спомен обележје „Сончев часовник“ на локалитет Еврејски гробишта Битола на 20.07.2018 година.

Но, при увидот во документацијата, констатирано е дека средствата за овој споменик се обезбедени од страна на Министерството за култура и меѓународни донации. Согласно Законот за градење, објектот е од прва категорија, што значи дека е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

Исто така, со Решение од Управата за заштита на културното наследство со Уп.бр.18-197 од 05.07.2019 година, Споменичната целина Еврејски гробишта-Битола се прогласува за значајно културно наследство. Според значењето, Еврејски гробишта-Битола се категоризираат како значајно културно наследство и уживаат гарантирана заштита што ја обезбедува Република Северна Македонија. И според ова решение, објектот е од прва категорија.

По донесувањето на Решението од страна на Управата за заштита на културното наследство, доколку има потреба, може други надлежни органи да донесат соодветни акти во врска со овој споменик.

Од друга страна, Општина Битола секогаш била транспарентна и ги доставувала сите одговори и до амбасадорот Дан Оријан и до здружението АРХАМ.

Општина Битола со посебно внимание и почит се однесувала и ќе се однесува кон Евреите и кон Израел, како пријателска земја, што впрочем на дело го покажа изминатите години.

Со посебно внимание се однесуваме и кон Еврејските гробишта во Битола, но од самиот почеток укажуваме дека Република Северна Македонија има закони кои важат за сите, вклучително и за здружението АРХАМ.

Општина Битола и понатаму ќе се однесува со почит кон сите културно-историски обележја, кои се во духот на космополитизмот на овој град, како негова главна карактеристика, пишува во соопштението на Општина Битола. 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани