На денешен ден-11 Октомври, започна антифашистичкото востание на македонскиот народ

Октомври 11, 2019

НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 11 ОКТОМВРИ 1941 започна АНТИФАШИСТИЧКОТО ВОСТАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, кое постепено прераснало во Националноослободителна војна и довело до формирање на првата македонска национална држава.

Имено, со решение на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, според однапред подготвениот план, поделен во три групи, на овој ден извршил напад на бугарскиот полициски участок и затворот и ги прекинал телефонските и телеграфските линии во Прилеп. Со тоа бил означен организираниот почеток на оруженото востание во Вардарскиот дел на Македонија против фашистичките окупатори, а за национална и социјална слобода и за создавање сопствена македонска национална држава.

Востанието на македонскиот народ и четиригодишната Националноослободителна војна која се развила од него, биле изведени, организирани и водени од националноослободителното и комунистичко движење на македонскиот народ. Македонските комунисти недвојбено стоеле на ставот дека националната слобода на Македонците нема никој да им ја дарува, туку дека таа треба да се извојува. Тие сосема јасно декларирале дека „Земјата што дала еден Илинден, таја ке дај и друг“, па на востанието и на Антифашистичката војна предводена од нив им давале сосема јасна, не само класно-пролетерска содржина, туку и македонска национална содржина.

Оттаму, антифашистичкото востание претставува најважниот меѓник во македонската борба за национална слобода и самобитност, во борбата за афирмација на одделниот македонски национален идентитет.

                                                                                     подготвил: д-р Александар Литовски, историчар 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани