Webp.net gifmaker

ВМРО-ДПМНЕ ВЕТУВА ИНВЕСТИЦИИ ВО ШКОЛИТЕ, А ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО ДА ГО ПЛАЌААТ РОДИТЕЛИТЕ

Октомври 09, 2017
Фото:Архива Широк Сокак Фото:Архива Широк Сокак

Откако Наташа Петровска, кандидат за градоначалник на СДСМ на прес конференција изјави дека во иднина родителите на учениците  нема да плаќаат од својот џеб за обезбедување на школите, деновиве директорите на дел од училиштата во градот, назначени уште од времето на ВМРО-ДПМНЕ, веќе побараа од родителите и годинава да платат за обезбедување на школите. Образложението е дела училиштата имаат долгови и парите не стигаат за да се ангажира Агенција која ќе го обезбедува училиштето, па мораат родителите да го преземат овој трошок врз свој грб.

 

-Имавме родителски состанок и ни беше кажано дека треба и годинава од свој џеб да платиме за обезбедување на школото- велат родители чии имиња се познати на редакцијата АПЛА.МК.

Веќе неколку години наназад половина од училиштата во градот се со блокирани сметки, па родителите плаќаат за обезбедување, молерисување на училниците, хигиенски средства, па и за ливчиња на кои наставниците ги печатат тестовите..

Петровска вели дека по изборите ќе спроведе ревизија на работењето на општината и доколку не е направен сериозан зулум врз годинешниот буџет на општината ќе преземи мерки овој трошок да не е веќе на товар на родителите.

-Не знам што договори се потпишани од страна на училиштата за обезбедување. Но, ако се потпишани, претпоставувам дека треба да бидат испочитувани. Тоа е нешто што веќе го направиле. Но, ветувам дека кога ќе влезам во општинската зграда ќе извршам ревизија на сето тоа и доколку постои начин, покрај постоечките договори и ако не е направен сериозен зулум врз буџетот во 2017 година и постојат средства ќе го средиме тоа- рече Петровска.  

Десетина училишта од Битола и оваа година ја стартуваа со блокирани сметки, а долгот се искачи на 1.7 милиони евра. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години не најде начин да ги извлече училиштата од загубите. Тие им должат на превозниците, на ЕВН, за огрев. Но, и покрај загрижувачката состојба, деновиве школите станаа дел од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период преку низа проекти инвестираше во подобрување на условите за непречено одвивање на воспитно-образованиот и наставниот процес. И во следниот период продолжува во инвестиции во образованието преку реконструкција на основни и средни училишта, подигнување на енергетската ефикасност на училишните згради, промена на дограмата, санација на греење, подни површини и санитарни јазли, како и изградба на спортски сали и игралишта-рече Викторија Христовска, кандидат за советник од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова одговори Борче Корлевски, портпарол на СДСМ од Битола и кандидат за советник.

-Крајно лицемерно е да ветуваат реконструкција на училиштата кои ги оставија во енормни долгови. Нивното неодговорно и недомаќинско работење доведе до тоа повеќе од десет училишта да останат со блокирани сметки. На почетокот од 2017 година долгот на Медицинското училиште изнесуваше 20 милиони денари, на „Крсте Петков Мисирков“ 15 милиони денари, на „Таки Даскало“ 11 милиони денари, на „Коле Канински“ исто така 11 милиони денари и уште многу други кои останаа со натрупани долгови додека вкупниот долг на сите училишта изнесуваше фрапантни 107 милиони денари или 1,7 милиони евра- рече Корлевски.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани