ЈЕНИ ЏАМИЈА ГО ВРАЌА СВОЈОТ СЈАЈ

Декември 05, 2017

Јени џамија, заштитен споменик од прва категорија, го покажа реставрираниот надворешен лик. Со реставрацијата на објектот му се врати надворешниот изглед што го имал при градбата  пред повеќе векови.

Приземниот кат доби жолта боја, додека горните делови имаат декорации со црвена и бела боја. Со ваквиот зафат веќе го нема објектот кој долго време беше руиниран, а центарот на Битола доби уште еден реставриран споменик на културата.

Реставрацијата на Јени џамија траеше неколку години, а активностите се изведуваа под стручен надзор на  битолскиот Завод и музеј.  Ова е еден од најрепрезентативните историски споменици од отоманската архитектура во Битола, кој е во државна сопственост и се коритеше како уметничка галерија.

Во рамки на прокетот направени се реставрација и конзервација на фасадата од целиот објект, саниран е покривот, а внатрешната реставрација ќе овозможи зачувување на ѕидното сликарство. Според прокетот, подот од џамијата ќе биде застаклен, па ќе можат да се видат и темелите од христијанскиот храм, чии остатоци беа пронајдени со ископувањата  под објектот. Целта е Јени џамија да биде налик на Аја Софија од Истанбул, односно да го обединува христијанското и исламското културно наследство.

Инаку, Јени џамија била изградена од битолскиот кадија Махмуд ефендија во периодот од 1558 до 1559 година. Низ вековите претрпела неколку реконструкции, а дејноста ѝ била променета по Втората светска војна и адаптирана во уметничка галерија која располагала со вредни збирки на слики со 300 експонати, графики, цртежи, скулптури  со 420 експонати. И во иднина се очекува со сјајот што ѝ се враќа да биде катче кое ќе привлекува многу домашни и странски туристи.  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани