ДИМИТАР ПИПИЛЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ШКОЛОТО ВО БИСТРИЦА СО ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА, АРБЕР АДЕМИ

Јануари 24, 2019

Почитуван Министер,

Пред неколку часа добив повик од мојата колешка-наставничката во с. Меџитлија кој многу ме израдува; добила повик од Министерството, од извесен г. Вулнет, дека нашето училиште ќе биде посетено и Министерствотот ќе се заложи за реновирање и средување на училишните згради (шеснаесет на број)

.           Имам „камен во градите“ кога ќе погледнам во каква состојба се нашите училишта, па така веста од колешката бескрајно ме израдува. Си реков, дочекавме време каде што некој ќе интервенира наспроти ужасната состојба во образованието. Мојата радост ќе траеше сѐ уште доколку тука завршеше разговорот. Но во целата моја радост и благодарност ми „провеја“ и информацијата дека посетата ќе биде само во подрачните училишта на албански јазик, а исто и интервенциите.

Почитуван министер, работам во училиште со мешан етнички состав и секогаш мојата заложба била сите да сме рамноправни (и како директор и како наставник). Долго размислував дали да реагирам, но моите принципи и мојата професија не ми дозволуваат да останам „нем“. Министре, сите Ве доживувавме како млад, напреден, способен човек кој ќе може да ги сфати и да ги реши нашите проблеми. Но оваа постапка оди против сѐ за она за кое сум се борел, се борам и ќе се борам.

Нашите деца најдобро ги учиме преку сопственото однесување и пример.

п.с. Знам дека по оваа моја реакција единственото нешто што ќе се промени ќе биде мојата позиција како директор, но сѐ уште имам и „капка“ надеж дека сето ова е без Ваше знаење и дека ќе постапите правилно.

Со почит,

 Димитар Пипилевски

Директор на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, Бистрица

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани