2win800x200

КАРАКАЧАНОВ И АЛЕКСАНДРОВ (Пишува Бошко Нацевски)

Февруари 01, 2020

Најавеното доаѓање на вицепремиерот и министер на одбраната на НР Бугарија, Красимир Каракачанов во Битола, со намера да ја промовира книгата за Тодор Александров, без каво и да е предимензионирање на настанот, може да се изроди во провокација, со сериозен ризик. Или пак е намерно програмирана тенденција да се испровоцира конфликт.


Како прво, Каракачанов, претседателот на партијата на бугарското ВМРО, кое не е ништо друго, туку политичко-полициска творба , е репрезент на екстремното крило на бугарскиот национализам, со исклучително дрска антимакедонска назнака. Познати се неговите политички опструкции, насочени против остварувањето на националните права на Македонците во Бугарија. Посебно иритирачки се неговите потфати за брутални прогони на Македонците во пиринскиот дел, за задушување на нивните културни и историски пројави со македонски етнички одлики. Заедно со некогашниот државен јавен обвинител, Татарчев, кој имаше македонско потекло, а беше познат, посебно по јавно искажаната драконска закана - "За Македонците само пендрек", предводејќи го одредот полициски црвени беретки, им забрануваа на нашинците да положуваат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Благоевград, или да го посетуваат гробот на Јане Сандански крај Роженскиот манастир на Пирин Планина, на денот на неговата погибија, кој за нив е македонска револуционерна легенда и заштитник на тој дел од македонскиот народ и македонската земја.


Како второ, на Каракачанов, се едно во каква улога доаѓа во градот под Пелистер, како гостин на настанот, или како учесник во тимот промотори на книгата за Тодор Александров, совршено добро му се познати ставовите на македонската официјална историографија за таа личност. Впрочем и во нашата колективна меморија тој е отсликан со бои на исклучителен негативец, со педигре на повеќеслојна контроверзна фигура во македонската национална револуционерна историја од почетоците на минатиот век, со нескриени одроднички и предавнички влијанија, во интерес на туѓинска кауза.


Како трето, промоцијата и гостувањето на бугарскиот министер на војската треба да се случи во Битола, град кој изнедри десетици херои и стотици борци, жртви на окупаторите, на бугарскиот фашизам и регрутираните од него домашни соработници во текот на Втората светска војна.


Многу е симптоматичен потегот на организаторот на овој настан, кој е најавен како културна пројава, а далеку е од тој атрибут. Во секој случај, е со мирис и вкус на антимакедонски чин со провокативна содржина.
Апсолутно не е за пренабрегнување прогласот на битолските борци и продолжувачите на традициите на македонските слободољубци, да се спречи доаѓањето на Каракачанов во улогата на промотор, која има нескриена провокативна тенденција. Посебно во овие чувствителни мигови на македонската држава, кога се прават значајни исчекори за надминување на мноштвото македонско-бугарски дисонантни тонови, главно во сферата на историјата. Битолките борци не ја кријат желбата да го видат господинот Каракачанов, како добронамерен значаен гостин од соседна Бугарија, но не во улогата во која тој е најавен.

Пишува Бошко Нацевски, новинар (колумната е презмена од неговиот фб профил)  

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани