2win800x200

Како да го сочуваме психичкото здравје во состојба на криза

Март 15, 2020
 
Пишува: м-р Марија Младеновска Димитровска, психолог
 
Светот деновиве е соочен со пандемија поврзана со корона вирусот. Сето тоа придонесе за зголемување на стресот кај луѓето, кои се соочени со висок степен на анксиозност од настанатата ситуација, страв, вознемиреност, неспокојство, депресивност, чувство на немоќ, чувство дека немаме контрола на тоа што ни се случува.
 Спектарот на реакции на стрес е широк и покрај емотивни промени, како вознемиреност, страв, немир, раздразливост, напнатост, бес, гнев, претерана осетливост, раздразливост, лутина, избувливост, промени во расположението и однесувањето, можат да бидат придружени со промени на когнитивен план како конфузност во мисловниот процес, проблеми во концентрацијата, вниманието, брзо менување на ставовите, катастрофични очекувања, проблеми на бихејвирален план, како проблеми со апетитот, несоници, претерано конзумирање алкохол и други психоактивни супстанци, па се до психосоматски нарушувања, главоболки, проблеми со дигестивниот систем, зголемен крвен притисок итн.
Тоа се типични реакции на состојба на стрес и криза, кои доколку траат подолг временски период можат да резултираат со сериозни психички нарушувања, како на пример појава на анксиозно-депресивни нарушувања, панични напади, појава на фобични растројства, хистерични растројства. 
Покрај грижата за физичкото здравје, зголемено ниво на лична хигиена, и почитување на препораките на лекарите како да се заштитиме од корона вирусот, потребно е, во една ваква состојба на глобална криза, да се грижиме и да го сочуваме и нашето психичко здравје, особено затоа што во голем дел нашето физичко здравје зависи и од нашето психичко здравје, односно од тоа колку психолошки сме јаки и издржливи на стрес и како се справуваме со стресот.
Она што е најважно како да го сочуваме нашето ментално здравје е пред се да ја задржиме присебноста и контролата над ситуацијата и над самите себе. Да не реагираме панично, затоа што во состојба на паника, не сме во можност разумно да резонираме и да носиме одговорни одлуки. Потребно е ситуацијата одговорно и свесно да ја прифатиме, да внимаваме на нашето однесуваме, да ги следиме насоките на лекарите, да ја подигнеме свесноста дека за некои работи сме самите одговорни. Потребно е со сериозност да ја прифатиме реалноста, да не ја негираме сериозноста на ситуацијата и реалноста, да не се однесуваме неодговорно и ноншалантно, да развиеме свесност дека сите заедно сме одговорни за развој на ситуацијата и за последиците од оваа ситуација. 
Она што е важно е да ги следиме препораките од проверени извори на информации, од стручни компетентни лица и од одговорните институции. Потребно е критички да ги примаме сите информации од непроверени извори, особено во време на електронски и социјални медиуми кога има мноштво на непроверени информации, шпекулации и лажни информации.
За да го зачуваме менталното здравје и да го редуцираме нивото на стресот, важно е да го ограничиме и времето кои го поминуваме пред медиумите и да избегнуваме постојано да сме бомбардирани со информации за ситуацијата, особено да не  се контаминираме постојано со катастрофични и апокалиптични сценарија, кои нема воопшто да ни помогнат во ваква ситуација, туку само ќе ни го зголемат нивото на стрес и анксиозност, па дури и да резултира со панични напади и психисоматски нарушувања. Да поставиме јасни граници и да ја подигнеме свесноста колку одредени работи во врска со ситуацијата се наша лична одговорност, а колку е одговорност на стручните лица кои се задолжени да се грижат за контрола на ситуацијата. 
Многу важно е да бидеме свесни за сопствените чувства и стравови и да не ги криеме, да не се спречуваме да ги изразиме, туку да ги споделиме со најблиските, да не чувствуваме срам, затоа што сме исплашени, збунети, дезориентирани, испаничени, анксиозни, депресивни, туку слободно да ги изразиме, да зборуваме за нашите чувства, да побараме поддршка од блиските, што ќе ни помогне не само да го споделиме емотивниот товар поради ситуацијата, туку и да добиеме социјална поддршка. 
Да бидеме свесни дека се наоѓаме во една кризна ситуација и дека е сосема нормално да бидеме исплашени, вознемирени, и дека сите тие реакции кои се јавуваат се нормални реакции во една ваква состојба на криза.
Многу важно е да се соочиме со нашата анскиозност, затоа што негирањето или избегнувањето на соочувањето со анксиозноста само предизвикува нејзино зголемување. Соочувањето со анксиозноста во сегашниот момент ќе придонесе за нејзино долгорочно намалување, а ќе придонесе и за спречување или намалување на одредени дополнителни состојби и психички нарушувања кои можат да произлезат од подолготрајна состојба на анксиозност. Соочувањето со емоциите ќе придонесе да се спречи т.н. состојба на преплавеност (блокираност) од емоции, која може да го отежни нормалното функционирање на поединецот и рационалното оценување, проценување и расудување на ситуацијата и намалување на капацитетите на личноста за справување со неа.
Споделување на нашата емотивна состојба, нашите стравови во врска со епидемијата од корона вирусот, ќе придонесе за емотивно растоварување, но и за зближување со блиските и луѓето од доверба, зашто ќе станеме свесни дека не се чувствуваме само ние така како што се чувствуваме, дека не сме само ние загрижени, исплашени, испаничени, туку дека и другите ги имаат истите чувства.
Споделувањето на чувствата ќе придонесе за зголемување и на сигурноста и довербата меѓу нас, поддршката и солидарноста едни во други, дека заедно сме посилни и ќе ја надминеме оваа ситуација. Многу е важно во вакви ситуации да си дадеме меѓусебна поддршка, дека никој не е оставен сам на себе, дека има некој тука за него кој ќе му помогне за било што да му треба. На тој начин се зајакнува духот и позитивната атмосфера, надежта, вербата дека се ќе биде во ред, дека заеднички имаме капацитет да ја надминеме оваа ситуација. 
Особено треба да бидеме внимателни во нашиот однос со децата. Тие се особено осетливи и може да имаат трајни психолошки последици, особено во вакви ситуации кога ја чувствуваат вознемиреноста на родителите, а и самите се чувствуваат така. Дури и најмалите деца, кои можеби на когнитивен план не можат да ја разберат целосно ситуацијата, на емотивен план и тоа како чувствуваат. На децата треба родителите особено внимателно да им објаснат што се случува, се разбира тоа прилагодено согласно возраста на детето, да ги уважат чувствата на децата, да се обидат да им влеат оптимизам и чувство на сигурност. Сепак, родителите се основниот извор на таа базична сигурност на децата. 
Капацитетите за надминување на стресот кај различни индивидуи се различни и зависат од особеностите на личноста. За надминување на стресот постојат различни стратегии кои можат да се поделат во 2 групи стратегии: насочени кон решавање на проблемот и стратегии насочени кон соочување со емоциите. Најчести стратегии за надминување на стресни ситуации се: конфронтирачко надминување, односно директен напор да се измени ситуацијата и соочување со неа, барање на социјална поддршка кое вклучува барање емоционална поддршка и информации од друго лице, планирање на надминувањето, кое е насочено кон проблемот и можностите кои ни стојат на располагање за негово надминување, самоконтрола, дистанцирање, пронаоѓање на позитивно значење на стресното искуство, прифаќање на личната одговорност во стресниот настан, внесување напор за избегнување или бегство од стресорот.
Во оваа ситуација со епидемијата, но и во низа други стресни ситуации, најефикасно е комбинираното користење на мултипли стратегии, кои ќе ни овозможат да се справиме со стресната ситуација и прилагодување на неа.
Доколку и покрај се, не можеме да се справиме со ситуацијата и анксиозноста потребно е да побараме стручна психолошка помош и поддршка, која во ваква состојба на изолација може да ја добиете и на алтернативен начин преку користење на електронски и социјални медиуми, како вибер, скајп комуникација, месинџер и др.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани