2win800x200

Домашниот есап на пазар не им излезе (пишува Валентин Груевски)

Април 23, 2020

Вирусот се уште коси низ Македонија и низ светот. Опасноста е голема, големи се рестрикциите кои ги прават властите, ама некако почнува  да се гледа, светлото на крајот на тунелот. Светот почнува полека, ама внимателно да се буди, истото се случува и кај нас, и се чини дека повторно човештвото ќе биди победник во една голема војна со невидлив  непријател.

Во оваа прилика би сакал да потсетам уште еднаш на сите тези, кои се ширеа изминатите месец дена, од безброј дужегришници, ,,експерти“, сèзнајковци, политички големини, за тоа што и како ќе и се случи на Македонија и за нас од посебен интерес, што и како ќе и се случи на Битола. Се изначитавме и изнаслушавме, за еден куп сценарија, најчесто катастрофични, за она што не очекува и што ќе ни се случи. Се разбира се повикуваа на многу прочитани статии, врски, искуства од надвор, некој некаде им кажал, им шепнал. Небитно, важно е, дека тие знаат, и треба да им се верува.

БИТОЛА

Како за нивни инает и понатаму упорно  останува во вториот дел на македонската ,,табела“. Од сите поголеми градови ние сме на последното место, а во друштво со помалите македонските градови. Пред нас се Скопје, Куманово, Кочани, Прилеп, Велес, Тетово, Штип, Струга. Рамо до рамо со нас Гостивар и Охрид. За некого, можеби ќе звучат и невкусно овие споредби ама мислам дека не е грев да се најди начин  да се доловат резултатите кои се во моментот.

На почетокот не се преземаа никакви мерки, локалната власт спиеше и не беше тука, ништо не се миеше, ништо не се дезинфицираше, се беше оставено на милост и немилост на некоја поголема сила, пандемијата само што не букнала и стотици само што не се заразени, Епинал требаше да се запали и живи да бидат изгорени луѓето кои беа во карантин, готово е сосила го донесоа вирусот, не успеаја да направат ништо, ама сега измислија регионална болница па тука ќе ги носат болните, сето тоа беше користено од некого свесно, а од некого и несвесно само и само да се влева паника, или нешто политички да се профитира. Ама тоа не е така лесно и едноставно. Домашниот есап на пазар не им излезе.

МАКЕДОНИЈА

По сите статистики, барем досега, добро се справува со вирусот.  И тука, најверојатно, нема да се остварат црните сценарија. Мерките кои се преземаат и кај нас и во светот се речиси идентични, со мали нијанси во зависност од спецификите на земјата. Кога сакаат да критикуваат  ,,експертите“ најмногу ја спомнуваат Шведска и нејзиното лабаво справување, притоа намерно прескокнувајќи дека,  истата таа само во борбата против Вирусот вложува 10 милијарди евра. Пари кои нашата држава може само да ги ,,сонува“. Се обвинува и за криминал во полициски час, за превоз на мигранти (само не ми е јасно каде), за намерно економско паѓање на колена на цела држава и слични и многу поголеми  глупости.

Ќе се сложев со цело ова, само и само ако, истото ова не го спроведуваше  и САД, Германија, Турција, Австрија, Србија, Грција, Албанија. На почетокот не го спроведуваа Италија и Шпанија, ама не мислам дека критизерите сакаат да бидеме како нив (или се лажам?). Некои ја оспоруваат и стручноста на луѓето кои ги носат одлуките. Се оспорува стручноста на министерот, на комисијата за заразни болести, на директорите на болниците, на клиниките, на сите кои не доведоа до тоа да бидеме на дното на пандемијата според сите параметри. За наша среќа, а за нивна несреќа ни малку не се во право.

Гледајќи дека ќе ја изгубат битката, односно ќе победи разумот, сега се забележува едно срамежливо бегање од темата, и нејзино преместување од здравствен во економски дел. Здравствениот е загубен, ќе се обидат да го добијат економскиот и ќе има предлози, и ќе има напади, ќе има невистини, ама резултатите на крајот ќе го дадат победникот. Ако се хранат со досегашните тези, на крајот, тврдам, пак губат.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани