Webp.net gifmaker

ЖЕНИТЕ И СМРТТА КАКО МАЛОГРАЃАНСКА ЗАБАВА

Мај 03, 2020

Пишува:  д-р Александар Литовски, историчар 

 

 

Нашиот сегашен дваесетипрвовековен малограѓанин е страшно загрижен заради поместувањето на границите на женската слобода, па женственоста и родовата еднаквост, ги доживува како еротичност и морално пропаѓање. Слободоумните и способните жени, од нашите завидливи малограѓани, и тоа без разлика на нивната родова припадност, сè уште, се доживуваат како демонски змии, ладни, опасни и смртоносни ѕвечарки, такви кои секогаш му се закануваат на околината со својот смртоносен отровВпрочем, стигматизацијата и повикувањето на етички линч на „слободноумните“ жени, многу често доаѓа од црковни великодостојници кои изрекуваат судови со кои ги обвинуваат дека со своето однесување во општеството го „трујат моралот“ на богобојажливиот и христољубив народ, а пак се знае дека нашите малограѓани, без никакви дилеми, се големи верници. Така, изгледа ние во овој наш мал град сме се запатиле кон средновковието, па воопшто не е за чудење што повторно поповите се претворени во пуритански моралистички каплари кои, заедно со малограѓанската полуписмена војска, бдеат над хигиената на брачните кревети и јавниот градски живот. 

Сепак мислам дека наспроти овој религиозно-малограѓански циркус, овие наши умни и способни жени, со својата еротска и интелектуална супериорност, во поза на возвишен победнички триумфализамстојат над отворениот гроб на апсурдните и бесмислени семејни и религиозни морални ограничувања. Имено, се чини дека тие колонтајновски жени, сосема правилно ја сфатиле пораката на нумидискиот крал Југурта, кој напуштајќи го Рим во вториот век пред нашата ера, извикалO urbem venalem et mature perituram, si solum emptorem invenerit,“, што во слободен превод би било: „О граду на продажба, брзо ќе пропаднеш ако ти се најде купувач“.

Во целиот паланечки метеж од различни снобовски и малограѓански содржини и при непрекинати нереални и болно настрани третмани на стварноста на сограѓаните, дури и смртта е дисциплина која не само што е егзистенционално нужна, туку и неопходна за одржување на локалната рекла-казала културна програма на малограѓанскиот плебс. Ним, сосема добро им мирисаат човечките трупови, тие го сакаат тој морбиден гнилеж, во него и од него живеат и подготвени се, секојдневно, во него да се прпелкаат и уживаат како свињи во кал. Овој морбиден детаљ е, од една страна, прилог кон општата невротична организација на животот, но, од друга страна, може да се погледне и како специфичен феномен кој покажува колку малку е потребно снобовскиот цинизам и општата необразованост, не само да го онеспособатсекој креативен поединец, туку да го уништати развојот на градот кон поубава и посреќна средина за живот.

И овој спектакл на смртта, ова секојдневно градско дружење со туѓите умирачки, се одвива со столетиа наназад, се толерира и развива, па дури, и во денешни услови, се доживува како згодна пригода за дневно политичко озборување и бербатење.И во оваа морничаво-нездрава ситуација, самопрогласените „слуги божји“ и малограѓански чувари на моралот, се организирани во некаков вид на монополистичко погребално претпријатие па од туѓите умирачки, па собираат „гробарина“, или поинаку кажано „данок“ врз умрените.  Знаете, Црната смрт низ историјата била причина за уништувањето на многу градови, но со својата морбидна малограѓанска забава на уништување на туѓи животи, со малоумното настојување дури и од туѓата смрт да се извлече полза за себе, нашите малограѓани со „сина крв“ (бидејќи, каком што се самофалат, нивната фамилија е - староградска) се закануваат да го уништат градот на еден многу посуптилен и потемелен начин. Имено, остракирањето на сè она што е способно и вредно, сосема сигурно води кон конзервација на состојбите и во инволуција кон некаква мала касаба. И за жал, ова пропаѓање ќе продолжи, ако сериозно не се поработи на образовно-културната свест на населението и ако не се /само/ограничи бесмислената малограѓанска забава на озборување и клеветење на своите сограѓанки и сограѓани.    

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани