Нема официјални докази дека Панчевски ја напуштил државата

Јули 12, 2020

Пишува: Жаклина Цветковска

Сензационалистички и непоткрепен со ниеден доказ е насловот на текстот објавен на порталот maktel.mk, со наслов „ЃУБРЕТО ПАНЧЕВСКИ ФАТИ ЏАДЕ ВО БУДИМПЕШТА КАЈ СВОЈОТ ШЕФ: Панчевски во бегство, полицијата не го пронашла во неговиот дом?“, во кој се изнесени навреди, недолични за професионалната новинарска работа, како и тврдења за кои нема никакви факти во јавноста.

 

Текстот, кој патем е пренесен со наведување на изворот, но без линк до него, се однесува на судската наредба за приведување на поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје Владимир Панчевски, на кој Основниот суд од Велес му одреди мерка притвор од 30 дена, затоа што не се појавил на рочиштето за главната расправа за предметот „АКМИС“. Панчевски се товари за злоупотреба на службената положба  при електронската распределба на судските предмети, а според достапните  информации  МВР се уште се трага за негово пронаоѓање.

Но, во насловот, авторот изнесува инсинуации и лични заклучоци дека Панчевски пребегал во Будимпешта „кај својот шеф“, алудирајки на Никола Груевски (н.з.), за што нема никаква потврда од надлежните органи. Своето тврдење го темели исклучиво на податокот дека Панчевски не бил пронајден во својот дом од страна на полицијата.

Авторот во насловот употребил и навредлива и недолична квалификација за јавна личност, која ја нарекува „ѓубрето“, што е недозволиво за новинарска професија и се коси со членот 15 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Во информациите од МВР, пак, никаде не е наведено дека Панчевски ја напуштил државата, а најмалку дека е во Бумпешта. Од таму само потврдуваат дека тој не е пронајден во својот дом.

  • МВР постапува по судска наредба за приведување на лицето В.П. и во моментот кога ќе бидат создадени услови, ќе биде лоциран истиот и ќе биде приведен, изјавија од МВР за „Фокус“, стои во текстот на рецензираната објава.

Должност на новинарот е да информира, а особено да биде внимателен при пренесување на информации за судски и политички одлуки и постапки, каде нема простор за „маневрирање“, а уште помалку за сензационалистички заклучоци. Доколу изнесува одредени тврдења, тие мора да бидат точни и потврдени од официјални извори. Во вој случај, новинарот не го сторил тоа, со што е направено сериозно прекршување на основните етички новинарски принципи, а особено на член 1 од Кодексот на новинарите.

Невкусот и несериозноста се неспојливи со елементарното професионално однесување на новинар, кој треба да го чува угледот и достоинството на професијата и да не го користи медиумот за лична пресметка со личности, како што е наведено во членот 16 од Кодексот на новинарите.

Проблематична и тенденциозна е и самата конструкција на насловот, кој треба да биде информативен и соодветен на веста што ја пренесува. Но, авторот  одлучил да вметне и сопствен коментар, не правејќи разграничување  помеѓу фактите и мислењето, со што го прекршил и членот 13 од Етичкиот кодекс.


 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар


 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани