2win800x200

Ги запознаваме ретките болести 2021

28 дена во февруари со 28 ретки дијагнози

 

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 дена и оваа година, трета по ред, ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?...

Merosin-deficient congenital muscular dystrophy

Конгенитална Мускулна Дистрофија-Мерозин негативна

MKB G 71.0

Преваленца (распространетост) : 1/100.000

 

Конгенитална (вродена) мускулна дистрофија (CMD1A) претставува генетско хетерогено невромускулно нарушување кое се јавува при самото раѓање или веднаш по негo и ги зафаќа мускулите, па ги ослабува и како резултат на тоа со текот на времето, тие почнуваат да се губат. Мерозин-негативна конгенитална мускулна дистрофија или CMD1A, е една од најчестите видови на конгениталната мускулна дистрофија. Предизвикана од ретка генетска мутација на генот Лама-2, одговорен за протеинот мерозин околу мускулното влакно, претставува тешка форма на дистрофија карактеризирана со тешка мускулна хипотонија-намален мускулен тонус при раѓање или веднаш по раѓањето, прогресивна слабост на мускулите и дегенерација-атрофија, одложени моторни функциии со неможност за стоење и одење, прогресивни контрактури на зглобовите со варијабилна сериозност, нормална интелегенција, иако во некои случаи се појавува и умерена ментална ретардација и епилепсија. 

Застапеност на болеста:

CMD1A  ја зафаќа женската и машката популација подеднакво. Точната застапеност не е позната поради недостаток на дијагностичка генетска потврда во минатото, но повеќе истражувања укажуваат дека едно на 100.000 бебиња е заболено со оваа болест. Во нашата држава, од досегашните сознанија, само едно бебе е родено со оваа болест до сега.

Историја и терминологија:

Конгениталната мускулна дистрофија  за прв пат била опишана во 1903 година од Фредерик Еустас Батен како „инфантилна миопатија“, па со подетални хистолошки набљудувања во доцните 60-ти години на XX век, се заменува со сегашниот термин „вродена“. Но, напредокот бил релативно бавен сè до 1990 година. Со големи достигнувања на биохемиска и молекуларна основа, во 1995 година се идентификувани првите генетски мутации што доведуваат до откривање на целосен недостаток на протеинот мерозин. Врз основа на генетски откривања, Конгенитална  мускулна дистрофија  е поделена на подвидови според генетскиот и протеинскиот недостаток, па така и мерозин-негативната конгенитална мускулна дистрофија (CMD1A) е именувана по генетскиот недостаток на протеинот мерозин. 

Причина за појава на болеста:

CMD1A се наследува на автосомно-рецесивен начин, а тоа значи дека мора да има две патогени мутации кои предизвикуваат појава на симптоми. Кај оваа ретка болест има две мутации во генот LAMA2 (laminin alpha 2, лоциран на 6 q 22-23 и има 64 егзони) кој го произведува протеинот мерозин, еден од протеините на ламининот кој е составен дел од скелетните мускули и периферните нерви и претставува дел од мускулната клеточна мембрана и кој влијае врз стабилноста на мускулната клетка и мускулните влакна и помага во врзување на другите протеини во мускулната клеточна мембрана.Овие мутации се наследуваат од двајцата родители или може да бидат спонтано настанати. За едно дете да биде засегнато со CMD1A,  и двајцата родители мораат да бидат носители на истата мутација на генот LAMA-2 со што и двајцата ќе ја пренесат мутацијата на генот на своето дете. Детето наследува два изменети LAMA-2 гена, еден од мајката и еден од таткото. Секој од родителите на поединецот со CMD1A,  има по една копија на променетиот ген LAMA-2  и е познат како носител, но кај носителот не се пројавуваат знаци и симптоми од болеста. Родителите-носители имаат 25-процентна шанса да добијат дете заболено од CMD1A,  2 од 4 шанси да добијат дете само како носител на мутираниот ген т.е. 50 %  и 1 од 4 шанси т.е. 25 % да добијат дете кое нема да го носи мутираниот ген.

Клиничка слика:

Бебињата со CMD1A наречени „floppy baby“, се препознатливи уште по самото раѓање по нивната позиција на лежење. Тие не можат да се мрдаат како другите бебиња поради тешката хипотонија-слабиот мускулен тонус, плачот им е многу слаб, немаат стисок на рацете, не можат да ја држат главата, имаат високо покачена серумска-креатин кинеза (CK), респираторна инсуфициенција и потреба од респираторна поддршка. Пациентите со оваа ретка болест имаат прогресивно-слаба мускулатура, мускули кои со текот на времето ќе бидат послаби и ќе почнат да се губат, одложени моторни функции, неможност за седнување/станување и одење со што стануваат зависни од инвалидски колички, имаат вродени или стекнати контрактури кои ќе прогресираат поради задебелување и скратување на ткивото и ќе предизвикаат поголеми деформитети и ограничувања во движењата поради што станува нужно користењето на ортопетски помагала и лонгети, вертикализатор, секојдневно вежбање со физиотерапевт и хидротерапија. Ослабувањето на мускулите ќе доведе до сериозно влошување на цврстината на ‘рбетниот столб и појава на прогресивна сколиоза за којашто ќе биде неопходна операција. Телесната тежина кај овие пациенти е доста мала. Со текот на времето ослабуваат и респираторните мускули, па како резултат ќе се појават пулмолошки инфекции, намален кислород и потешкотии во ноќното дишење за што ќе биде потребно приклучување на респираторни машини и вентилатор. Прогресивни проблеми се јавуваат и при хранењето за што е потребно вметнување на цевка за гастростомија. И покрај присутната промена на белата маса во мозокот, кај овие пациенти менталната интелегенција e нормална, но има и мал број на пациенти каде се забележани потешкотии при учење и епилептични напади.

Диjагностика:

Дијагнозата на CMD1A бара истовремена експертиза во повеќе специјалности (неврологија, морфологија, генетика, неврорадиологија), достапна во неколку центри ширум светот кои имаат доволно искуство со различните подвидови на КМД. По утврдување на хипотонија, докторите најпрвo прават специјални тестови за нервна спроводливост и електромиографија (ЕМГ) кои се користат за стимулирање и процена на мускулите или нервите индивидуално за да се согледа проблемот за хипотонијата. Во почетната фаза на дијагностичкиот процес, лекарите често препорачуваат посебен тест на крвта- Серумска Креатин Кинеза(CK) кој се однесува на ензим што протекува надвор од оштетениот мускул. Покаченoто ниво на CK значи дека мускулите се уништуваат со некој абнормален процес, како што е мускулна дистрофија или воспаление. По ова следува мускулна биопсија при која од земено парче мускул се прават комплексни генетски испитувања со што ќе се утврди точната дистрофија и кодот на мутацијата на LAMA-2 генот. Со добиениот код, семејството ќе има можност да направи понатамошни пренатални испитувања за следните бремености и да утврди дали плодот ја има истата мутација на генот и ризикот за заболување од CMD1A.

Третман:

Сè уште нема пронајден лек или третман за оваа ретка болест. Во 2008 год. Omigapil од Santhera доби одобрување како лек за CMD1A и ја помина првата фаза со што продолжи испитувањето. Сè уште се работи на третманот Laminin-111 кој до сега покажа успорување на прогресивната мускулна слабост на моделот-глушец. Од обезбедувањето на сите неопходни машини, помагала и квалитетна физио-хидро терапија, ќе зависи  квалитетот и должината на животот на овие пациенти за кои важи дека имаат скратен животен век.

 

Ги запознаваме ретките болести 2021

28 дена во февруари со 28 ретки дијагнози

 

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 дена и оваа година, трета по ред, ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?...

Edwards syndrome - Едвардс синдром

MKB Q91.0 Q91.1 Q91.2 Q91.3

Преваленца (распространетост) : 1-9/1.000.000

 

Едвардс-синдромот, познат и како трисомија-18, е ретка и сериозна генетска состојба која предизвикува широк спектар на сериозни медицински проблеми. Синдромот е именуван по англискиот генетичар Џон Х. Едвардс, кој прв го опишал нарушувањето во 1960 година.

Застапеноста на Едвардс-синдромот е околу 1: 6.000 новороденчиња. Како и кај другите хромозомски аберации, веројатноста за развој на овој синдром се зголемува со возраста на родителот, а особено со возраста на мајката. Не постои расна предиспозиција за трисомија на 18-тиот хромозом и е почеста појава кај девојчињата отколку кај момчињата (3: 1).

Причина за Едвардс-синдром:

Секоја клетка во телото вообичаено содржи 23 пара хромозоми, кои носат гени- наследени од нивните родители. Сепак, пациентите со синдромот Едвардс имаат три копии на 18-тиот хромозом, наместо две. Присуството на овој дополнителен хромозом во клетките сериозно го нарушува нормалниот развој.

Синдромот Едвардс ретко се наследува. Развојот на трите копии на 18-тиот хромозом обично се случува случајно за време на формирање на јајце-клетките или сперматозоидите. Најчесто, пациентите имаат вишок на еден хромозом со број 18 во сите клетки.

Симптоми на Едвардс синдром:

Децата со синдром Едвардс можат да имаат широк спектар на проблеми:

- мала тежина при раѓање;

- структурни малформации на срцето; 

- структурни малформации на бубрезите; 

- ментална ретардација и забавен моторен развој кај сите деца;

- мускулна хипотонија;

- атрезија на хранопроводникот;

- стеноза на пилорусот;

- хернија на различни локации;

- артрогипоза (повеќекратна вкочанетост на зглобовите);

- проблеми со дишењето поради слабо развиени бели дробови (пулмонална хипоплазија);

- расцеп на непцето и расцеп на усните;

- микроцефалија (мал мозок), хидроцефалус (зголемување на церебралниот кортекс со вишок цереброспинална течност), аненцефалија (недоволно развиен мозок);

- мала и повлечена брада (микрогнатија);

- структурни промени на ушните школки;

- испакнати очи, мали очи (микрофталмија), спуштен очен капак (птоза);

- свиткување на рацете во облик на канџа, неразвиени палци и нозе, деформитети на прстите на рацете;

- недостаток на некои коски (радиус);

- мазни нозе со заоблени потпетици;

- неспуштени тестиси (крипторхизам), мал пенис (микропенија);

- развиена лабија кај девојчиња, двојна матка, неразвиени јајници;

- абнормалности на обликот на черепот (издолжен череп, широки фонтанели);

- неразвиеност на тироидната жлезда, надбубрежните и торакалните (тимус) жлезди.

Дијагностицирање на Едвардс-синдром:

Бидејќи ова се хромозопатии, важно е да се откријат навремено. Дијагнозата може да се направи во пренатална фаза или кога ќе се роди бебето. Некои од посигурните методи користени во пренаталната фаза, вклучуваат земање примери од клетки од амнионската течност или плацентата за да се анализираат хромозомите. Сепак, двата теста се инвазивни бидејќи тие се изведуваат со вметнување игла преку абдоменот во матката.

Најбезбеден и најточен е пренаталниот тест (се зема крв на мајката за откривање на хромозомски нарушувања), кој е целосно неинвазивен и не носи ризик од спонтан абортус, инфекција или други компликации што можат да се појават со инвазивните методи за тестирање. Тестот може да се направи уште во 10-та недела од бременоста. Исто така, развиени се бројни тестови за скрининг со цел да се овозможи пронаоѓање на зголемен ризик за хромозомска трисомија-18. Најчесто користени тестови се трипл и дабл.

Откако ќе се роди бебето, врз основа на клиничките наоди и објективното испитување, може да се јави сомнеж околу дијагнозата. Последователно, се утврдува кариотипот (број на хромозоми) за да се потврди дијагнозата.

Лабораториските анализи на крвта кај новороденчињата можат да покажат ниско ниво на тромбоцити (тромбоцитопенија), неутропенија (ниско ниво на неутрофили- тип на бели крвни клетки), анемија и полицимија (зголемување на бројот на еритроцити).

Ултразвучното испитување на срцето и мозокот е многу важно за време на феталниот период и кај новороденчињата за рано откривање на евентуални абнормалности. Исто така, преку снимање на бариум со контраст се откриваат аномалии во дигестивниот тракт. Х- зраците на скелетот можат да помогнат во дијагностицирање на абнормалности на скелетниот систем.

Третман на Едвардс-синдромот:

Не постои специфичен лек за третман на Едвардс-синдромот. Неопходно е да се обезбеди соодветна грижа и да се третираат поврзаните абнормалности. Потребно е  детално следење на срцето и стабилизацијата на децата со овој синдром, а кардиохирургијата може да се земе во предвид за потешки срцеви маани.

Исто така, другите состојби, како што се хранопроводната атрезија и пилорната стеноза бараат хируршки третман. Скелетните малформации пак, вклучуваат ортопедски третман. Бебињата родени со овој синдром, често страдаат од запек поради лошиот тонус на стомачните мускули, а овој проблем се јавува во текот на целиот живот.  Во овие случаи, хранењето е најголем проблем затоа што бебињата често пати се фрустрирани и нервозни поради грчевите. Оваа состојба се третира со специјални млечни формули против гасови кои ја омекнуваат столицата на бебето. Треба да се преземат превентивни терапии за уринарни и респираторни инфекции, како и дневно внесување лаксативи и ензими на панкреасот за да се одржи нормалното варење. Детските активности во голема мера се ограничени поради менталната ретардација, бавниот развој на моториката и скелетните аномалии.

Генетичар-дизморфолог, педијатар, кардиолог, кардиохирург, офталмолог, ортопед и многу други специјалисти, се вклучени во третманот и грижата за децата со синдромот Едвардс.

 

Ги запознаваме ретките болести 2021

28 дена во февруари со 28 ретки дијагнози

Страница 2 од 2

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани