АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По петгодишни патешествија и маки на битолчани, по други градови да вежбаат за практичен дел од испитот за возачка дозвола, ниту одлуката за изградба на полигон во Битола не помина без кавги и обвинувања во општинскиот Совет меѓу советниците од власта и опозицијата.
Советот на Општина Битола на денешната седница донесе одлука да ја прифати донацијата од Сообраќајниот испитен центар ``АМ`` ДООЕЛ- Битола, за изградба на полигон во Битола. Полигонот ќе биде лоциран на излезот од градот кај населбата Горно Оризари.
-Носиме одлука за примање на донација за изградба на полигон за полагање на возачки испит. Тоа е работа кој Битола ја немаше во последните осум години. Ние кога бевме опозиција се залагавме дека ќе го направиме. До крајот на годината Битола ќе има полигон, изјави денеска претседателот на Совет, Валентин Груевски.
Земјиштето каде ќе биде лоциран полигонот од државно е префрлено во сопственост на Општина Битола.
До средината на декември годинава, Битола ќе добие полигон за практична обука и полагање на практичен тест на идните возачи од нашиот град и регионот. Зоран Кузмановски, управител на Сообраќајниот испитен центар ``АМ`` ДООЕЛ- Битола за апла.мк изјави дека проектот за полигонот е завршен и за десет од петнаесет дена ќе се изгради и полигонот. Локацијата на полигонот е одредена во близина на селото Долно Оризари и според Кузмановски тој ќе се простира на површина од 5 илјади квадратни метри.
До 30 ноември доколку Општина Битола не обезбеди полигон ќе треба да го затвори Испитниот центар во градот, предупреди независната советничка Габриела Илиевска на последната седница на Советот на Општина Битола, поставувајќи прашање до градоначалничката Наташа Петровска .
-Се сеќава јавноста, се сеќаваат сите дека во март месец напишавте статус дека ќе има полигон. Дали некој ви има кажано дека до 30 ноември доколку Општина Битола не обезбеди полигон ќе треба да го затвори Испитниот центар во градот ? Доколку имате таква информација ,ме интересира каде ќе биде полигонот, дали ќе го стопанисува општината, какви ќе бидат обврските?, праша Илиевска.
По пет години чекање, Општина Битола конечно обезбeди терен за изградба на полигон за полагање на практичниот дел од возачкиот испит. Од Општината за апла.мк соопштија дека локацијата се наоѓа во Горно Оризари и дека државното земјиште е пренаменето во општинско со намена таму да се направи полигон.