АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Како дел од комеморативните настани за одбележување на помирувањето и француско – германското зближување, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со амбасадорката на Германија Анке Холштајн и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер. На средбата, беше нагласено, дека токму ваквите настани на сеќавање и споменување, се насочени кон градење на подобра заедничка иднина. Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер му честита на битолскиот градоначалник Тони Коњановски за изборот и како што рече републиканското однесување кое го покажа.
„Нема поголемо задоволство за еден градоначалник, да го почне својот мандат, со вака висока посета од нашите пријатели од Европа. Укажано ни е исклучително внимание, разговаравме за многу теми и се договоривме за нашата идна соработка. Одбележувајќи го Денот на помирувањето по Првата светска војна, се потсетуваме на историјата на овој вековен град. Битола поминала многу премрежја. Од најважен центар на Балканот, конзулски град, набргу во Првата светска војна доживеал катастрофа и разрушување. Станал град во кој биле фрлени над 13.000 гранати и биле убиени над 4200 цивили. Ова е дел од историјата која не треба да биде заборавена. Набргу Битола повторно се исправи како убавица на Балканот, за денес да сме сведоци на живеењето во новата ера на конзулска Битола“, рече Коњановски, нагласувајќи дека Битола мора да го врати својот сјај во континуирана соработка со своите европски пријатели.
Продолжувањето на идната соработка во оваа насока ќе биде заложба и на двајцата амбасадори. Во овој контекст, амбасадорката на Германија Анке Холштајн, нагласи декa потврда е и една од најголемите германски фабрики, Кромберг и Шуберт, која во општина Битола, беше отворена во 2013 година, а денес брои над 6000 вработени.