АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Светиот Некатриј -заштитникот на Битола не доби храм во својот град, иако битолскиот градоначалник Владимир Талески тоа го вети пред четири години. Ветувањето дека во срцето на градот ќе никне уште еден православен храм падна на 24 март 2013 година, точно четири дена пред локалните избори. Тогаш Талески во придружба на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска пред Саат-кулата промовираа идејата за изградба на црквата.
„Проектот произлегува од барањата на граѓаните и е во координација со Македонската православна црква. Изградбата на еден сакрален објект е од големо значење за граѓаните на Битола и целата држава. Проектот за заштитно конзерваторски основи е завршен од НУ Завод и Музеј и предаден на општината“, рече тогаш Канческа -Милевска.
За да се подигне храмот зелено светло даде и Комисијата за урбанизам во општина Битола. На крајот на 2015 година Талески изјави дека проектот е веќе изработен и се очекува да се добие дозвола за градба. Требаше да се раскопа центарот на градот на неколку метри од Саат -кулата, а храмот ќе дојдеше среде двете џамии, Исак и Јени.
Но, казмите не заиграа, а преспанско-пелагонискиот владика Петар за време на одбележувањето по повод 35- годишнината од неговото хиротонисување, изрази жалење што не се изградила црквата.
-Жал ми е што не направивме црква на преподобниот Некатриј Битолски заедно со градоначалникот битолски, двајцата сме виновни што не ја направивме- рече владиката.
Битолскиот градоначалник Талески на еден од пресовите запрашан зошто не го исполни ветеното од пред избори, рече дека чекаат одговор од Управата за заштита на културното наследство дали ќе смеат да ја градат црквата бидејќи во сила стапил Законот за стари градски јадра.
-Предметот е во Управата за заштита на културното наследство, таму е подолг период. Таму треба да најдат начин бидејќи се работи за заштитено градско јадро, но дел наменет за зеленило каде треба да е маркицата. Има извесна можност, законот дозволува одреден процент од макрицата за зеленило да се отстапи за потребите на патна инфраструктура и останато. Реално очекував 2016 година тој дел да биде завршен- рече Талески.
Сепак, проектот е ставен во отчетот на Талески за реализирани прокети од 2013 до 2017 година.
Свети Некатриј бил роден во Битола во 15 век , а починал во Света Гора. Тој пред девет години беше прогласен за заштитник на Битола.