АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Императив на нашето работење ќе биде домаќинското работење во Општина Могила , рече градоначалничката на Општина Могила, Јасмина Гулевска на прославата по повод 22 години од формирањето на Општината.
-Од почетокот на мој мандат можеме да кажеме дека успеавме да реализираме неколку проекти; поставување на монтажно училиште во селото Ношпал ,поставување урбана опрема и изградба на три парк места во селата Добрушево, Могила и Дедебалци, реконструкција на водоводни мрежи во селата Дедебалци и Долно Српци. Потоа продолжување на канализационен крак во населно место Могила . За догодина подготвуваме проектна документација за пречистителна станица и канализација во две села, Добрушево и Ивањевци. Во тек е изградба на четвртата фаза од коритото на реката Шемница, а со средства од Бирото за регионален развој ќе асфалтираме локални улици во населено место Могила, а веќе од утре со средства од Министерство за животна средина ќе се прават паркови во Будаково и Мусинци, рече Гулевска.
Градоначалничката , заедно со претседателот на Совет, Александар Јанкуловски, советници и вработените од општина Могила , вработени во ЈКП „Пела Хигиена“ и претседателите на месните заедници како и пензионерското друшво од општината положија свежо цвеќе на спомениците Димче Могилчето, Захарија Шумљанска, Парашкев Цветков и Иљо Лопатички.
-Општина Могила денеска слави 22 години од своето постоење. Како градоначалник на Општина Могила, морам да кажам дека нашата општина по 22 години од основањето е многу поблиску до европските стандарди, рече Гулевска.
Со заеднички сили и труд на сите ученици во Советот на Општина Могила придонесуваме кон развојот и напредокот на нашата општина, рече претседателот на Совет, Јанкуловски.
-Денес сме горди што ја славиме 22 годишнината од основањето на Општина Могила. Морам да го споменам Советот на Општина Могила, иако го сочинуваат повеќе членови на повеќе политички партии и независни советници , сепак кога се работи за интересот на граѓаните знаат да донесат едногласни одлуки. Се надевам во иднина како Совет заедно со градоначалничката и општинска администрација ќе донесеме успешни проекти и ќе ги реализираме во интерес на сите граѓани, рече Јанкуловски.
Општина Могила е формирана на 12.09.1996 година, со донесување на Законот за територијална поделба на Република Македонија.
Вечерва со почеток во 20.00 часот пред Платото на општинската зграда ќе се одржи свечена прослава на која што ќе настапат музичките ѕвезди Наум Петрески, Влатко Лозаноски и група Калабалак.