Почина професорот во пензија Владимир Јончевски - Шеки кој предаваше физика во Горната гимназија - „Јосип Броз Тито“ Битола
Погребот ќе биде утре - во понеделник во 12:30ч. на старите гробишта во црквата „Св.Недела“ во Битола. Во капела телото на починатиот Јончевски ќе биде изложено од 11ч.
Професорите од Горната гимназија се збогуваат со професорот Јончевски:
-Со многу жал и тага денес ја примивме веста дека почина нашиот поранешен колега, драг пријател, професор и своевремено - заменик директор на Гимназијата, Владимир Јончевски.
Нашиот Шеки ќе го паметиме како човек со големо срце, професор со широк распон на мислата, визионер, шегобиец, човек омилен во сите генерации ученици и сите генерации професори и работници во Гимназијата.
Тешко е да се збогуваме со човекот кој остави траен белег во
животот на нашето училиште. Училниците ќе го носат ехото на неговата топла насмевка, низ ходниците ќе го слушаме неговиот заитан чекор во желба да стигне секому да помогне.
Последното ѕвонче утре ќе ѕвони за тебе Шеки. Но физиката поучува дека енергијата никогаш не се губи и затоа ние ќе го слушаме ѕвончето како енергија на повторливоста на твојот глас во нас и во нашите спомени.
Збогувањето не ни прилега нам кои секогаш сме верувале дека животот само е трансформација на енергијата. Полни со благодарност дека сме секогаш заедно, ти оддаваме почит и ветуваме дека споменот за тебе ќе биде вечен.
Со почит и многу љубов,
колективот на СОУ Гимназија ,,Јосип Броз Тито" - Битола.