
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Димитар Атанасовски апсолвент на Педагошкиот факултет во Битола ја доби награда за „Најдобар труд на студентската конференција“, организарано од Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола, а поддржано од Амбасадата на Народна Република Кина.

Атанасовски е поранешен претседател на Универзитетското студентско собрание на УКЛО, а на настанот во Битола присуствуваше и амбасадорката на Народна република Кина Нејзината Екселенција Џијанг Сјаојан (Jiang Xiaoyan).
„Една од компонентите кои го составуваат студентот е истражувањето и придонесот кон науката и затоа се пријавив да учествувам на годишната студентска конференција УКЛО КОЛОРС која се одржа на 17 декември 2025 година. Таму учествував со научен труд со наслов „Word Shortenings in Gen Z Slang:IYKYK“ под менторство на д-р Елена Шалевска. Најдобрите резултати се објавуваат во списанието „Нови хоризонти“, но оваа година како и минатата, најдобрите трудови се наградени со признание „Најдобар труд на студентската конференција“ и парична награда од 8.000 денари“, изјави Атанасовски за АПЛА.
Оваа награда се доделува на студентите во три категории: Прва категорија - Студентска извонредност; Втора категорија - Највисок успеј во студирањето; Трета категорија - Најдобар труд на студентската конференција.
„Сите овие награди се доделени со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина на отворениот ден организиран на мојот Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола. Наградата за мене претставува мотивација за продолжеток со истражувачката дејност како и признание за зачетокот на својата истражувачка кариера. Особено сум благодарен до својот ментор и до својот универзитет кој втора година по ред организира вакво наградување за студентите со поддршка од Амбасадата на Народна Република Кина. Со ваквите настани се поттикнуваат и охрабруваат студентите и се доказ дека Универзитетот чекори на правиот пат. Инаку, мината година кога воедно беше организирано за прв пат вакво доделување, бев добитник на наградата „Највисок просек во студирањето“, изјави апсолвентот Димитар, додавјќи дека ваквите моменти се тие што им даваат мотивација на еден студент и млад човек да продолжи да работи повеќе и да напредува.


Анета Блажевска
