АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Перо Костадинов денеска во Валандово го посетија објектот на киносалата која функционира во состав на Домот на културата „25 Мај“.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека како резултат на партнерскиот однос меѓу локалната и централната власт, во следниот период ќе биде извршена реконструкција и санација на покривот и на фасадата наобјектот.
– Станува збор за проект чија вкупна вредност е околу 17,6 милиони денари. Во реализацијата на проектот, Министерството за култура преку капиталните дотации учествува со 10,2 милиони денари, додека преостанатиот дел од средствата за завршување на проектот ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Валандово – рече Костадиновска-Стојчевска .
Таа додаде дека проектот опфаќа поставување нова покривна конструкција, фасада и плафон, комплетна промена на столаријата, молеро-фарбарски работи во внатрешноста, нов под во салата, под со гранитни плочки во холот, современ кинопроектор, како и опрема за прожектирање.
Според министерката за култура, реализацијата на проектот е од особена важност за остварувањето на заедничките цели од причини што токму единството и соработката се клучни елементи во создавањето одржлива иднина за сите.
– Капиталните инвестиции не само во Валандово туку и во другите единици на локалната самоуправа овозможуваат реализација на многу проекти кои ќе ја збогатат нивната културна понуда. На тој начин отвораме нови перспективи за развој на културата која зближува и покрај својата разноликост, а во тоа е и нејзината уникатност – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Претходно, министерката за култура присуствуваше на отворањето на Младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“ каде што со градоначалникот Костадинов се дружеа со млади луѓе од земјава и од Република Грција кои се дел од неговото второ издание.
– Навистина беше прекрасно чувството да се биде во друштво на идните носечки умови во Европа кои со својата колективна енергија уште еднаш потврдуваат дека пријателството, соработката и посветеноста го обликуваат светот во кој живееме. Нашиот најголем национален и државен интерес е да градиме партнерство со сите оние за кои Европа е домот кој нѐ интегрира и нѐ спојува, а најголеми поддржувачи на европскиот пат се токму младите – потенцираше министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска упати и огромна благодарност до градоначалникот на Општина Валандово, за соработката и несебичната помош и поддршка, како и до сите вклучени за посветената работа во областа на културата и за заложбите за културен развој на Општина Валандово.