Оваа година Државното музичко училиште слави 75 годишен јубилеј од своето постоење, 75 години богата историја преточена низ звуците на музиката. По тој повод од училиштето најавија дека ги очекуваат многу активности и динамичен период во кој музиката е на прво место.
„Најпрво, во оваа јубилејна година, мораме да се пофалиме за учеството во проектот RYCO, заедно со нашето партнерско училиште „Стеван Мокрањац” од Пожаревац, Р.Србија. Потоа, за поддршката на Министерството за култура која ја добивме неодамна, со која во мај месец ќе ја оствариме јубилејната недела на семинари, обуки и работилници со еминентни наши и странски професори.Следува осмомартовски концерт на кој традиционално не радуваат учениците од Нижото музичко училиште. Ќе се одржи и традиционалниот годишен концерт во средината на мај. Оваа учебна година ќе ја крунисаме со јубилеен концерт, каде на сцената сложно ќе застанат учениците, професорите и гости музичари, наши пораншени ученици.
Активностите нема да завршат тука, но ве оставаме во неизвесност, се до моментот кога ќе биде објавена целата агенда за јубилејните случувања“, соопштија од Музичкото училиште.
Државно музичко училиште спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование. Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот, земјава и странство.