2win800x200

Децата родени во Македонија кога ќе пораснат постигнуваат до 56 проценти од својот потенцијал, рече Галовеј

Април 28, 2022

„Индексот на човечки капитал на Светска банка за 2020 година покажува дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе постигне само 56 проценти од својот потенцијал, па неопходно е отворање на младински центри каде младите ќе стекнат повеќе вештини и ќе ја зголемат вработливоста“, рече амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј на отворањето на Младинскиот Центар – МладиХаб во Битола.

„Неусогласеноста на квалитетот на образованието со потребите на пазарот на трудот се сметаат за главна причина за невработеност кај младите која се̍ уште е една од највисоките во Европа. Младите имаат ограничени можности да учат и да ги практикуваат своите вештини во реалноста. Им требаат можности да се ангажираат со компаниите и бизнисите на початокот на нивниот работен век за да можат да стекнат искуство од реалниот свет“, додаде Галовеј.

МлaдиХаб, проект финансиски поддржан од Британската амбасада, ќе овозможи вмрежување на младите со компании и граѓански организации од Битола и регионот, вклучување на млади во програми за практиканство, кариерно советување и акселераторската програма, стекнување на неформално образование и вештини што ќе им помогнат да најдат вработување и да бидат економски независни.

Просториите во кои е сместен младинскиот центар во месната заедница Вељко Влаховиќ во Битола ги овозможи Општина Битола, а проектот се спроведува преку Националниот младински совет на Македонија и е четврт во државата.

„Општина Битола континуирано работи на изнаоѓање начини за поддршка на младите од целиот регион, затоа што само на тој начин можеме сите зеднички да дадеме придонес кон задржувањето на новите генерации. Токму поради тоа, општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. На овој начин општината ќе обезбеди простор каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите” - изјави д-р Тони Коњановски, Градоначалник на Општина Битола.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани