Во пандемијата за четири пати биле намалени прегледите на дојка во Битола, сега расте бројот на болни од рак

Ноември 02, 2022

Дури за четири пати бил намален бројот на жени кои направиле ехо на дојка во пандемиската 2020 година во Клиничката болница Битола, регион каде ракот на дојка годинава бележи зголемување во галопирачки размери. Според податоците што ги добивме од Министерството за здравство, во 2019 биле направени 1.808 ехо прегледи, а во 2020 само 429. Бројката пораснала во 2021 повеќе од двојно (976), но може да се каже дека дури годинава има тенденција да стигне приближно како во периодот пред коронавирусот, односно до средината на октомври биле направени 1.352 прегледи.

 

Пациентките кои сакаат да направат бесплатно мамографија во државно здравство во просек чекаат за термин по 15 дена, зашто Болницата во Битола го опслужува целиот Југозападен Регион во државата.

 

Пополнети се дури и термините во приватна клиника во Битола каде исто така се врши мамографија. На нашиот телефонски обид да закажеме преглед ни беше кажано дека мора да се почека една недела зашто термините во следните денови се зафатени. Тоа се однесува и на мамографија и на ехо на дојка. На приватно еден ваков преглед чини 2.000 денари.

Во извештаите на Институт за јавно здравје се наведува ракот на дојката како најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Стапката на морталитет се движи од 30,0 во 2010 до 32,2,8 во 2020 на 100.000 жени.

На неодамнешната трибина „Раното откривање спасува живот“ во организација на Битолскиот универзитет, д-р Александар Димовски, специјалист по радиодијагностика, рече дека во големи размери расте бројот на заболени пациентки од рак на дојка во Битолскиот Регион. Секој ден се регистрираат по една до две новозаболени пациентки кај кои болеста е во понапредна фаза.

„Бидејќи за време на короната немаше многу прегледи, сега галопирачки расте бројот на болни. Возрасната граница е многу падната, имаме пациентки со по 19 и 20 години, што е застрашувачки“, рече Димовски.

Во пандемиската 2020 биле направени и помалку мамографии во Клиничката болница во Битола. Само 671, што е малку ако се има во предвид дека апаратот во употреба беше пуштен во август 2019, а за неполни четири месеци имало 513 мамографии. Лани повеќе од двојно, 1.168, и годинава исто толку до средината на октомври, што значи дека бојката ќе се зголеми уште до крајот на годината.

Доктор Димовски на трибината рече дека нема конкретни бројки колку новозаболени пациентки со рак на дојка се регистрирани досега во Битола, но дека ќе ги собере податоците до крајот на годината за да се има целосна слика за состојбата. Сепак, посочи дека бројот е голем, нагласувајќи дека жените немаат навика редовно да прват самопрегледи и мамографии.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани