Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети гинеколошко – акушерското одделение во Клиничката болница во Битола, каде во првото јануарско утро од оваа година, се роди првото женско новороденче Христина. Мајката Сара Поп Атанасова го донесе на свет во 1:42 после полноќ. Дежурните доктори прим. д-р Елизабета Чипуровска и д-р Христо Ѓорѓиевски, раководителката на одделението Маја Аврамовска и директорот
на болницата, д-р Александар Обедниковски, го информираа градоначалникот дека, пред полноќ беа родени уште две здрави деца, машко и женско, од мајките Виолета Начковска Митровска и Риние Мемедовска.
Градоначалникот ја посети и Болницата „Плодност“, каде само една минута по полноќ на свет дојде женско новороденче, Бојана, од мајката Стефани Чалеска Димитријевска, а во 05.01 часот се роди и Александар од мајка Славица Тановска од Ресен. Сопственикот и директор на Болница „Плодност“, прим. д-р Таше Трпчевски, истакна дека двете новороденчиња се убав знак за нова и успешна година во болницата.
Со најубави желби, градоначалникот Коњановски им ја честиташе приновата на родителите, подарувајќи им вредносен ваучер на родилките и подароци за новороденчињата.