2win800x200

Новогодишно обраќање на генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски

Јануари 02, 2023

Интегрален текст од новогодишно обраќање на генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски.

,, Почитувани граѓани,

Зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, a пред нас e година исполнета со нови предизвици.

АД ЕСМ во 2022 година се соочи со предизвикот да менаџира две големи кризи - кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија. Како компанија, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време - обезбедуваме електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции.

Во 2022 година имаме зголемено производство за 27% во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу  20% споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси.

Почитувани граѓани,

Изминатиов период покажавме дека со добро менаџирање успеваме да обезбедиме доволно количини на јаглен, мазут и природен гас. Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство.

Во време на енергетска криза, одговоривме на сите задолженија од страна на Владата. За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100% електрична енергија, а со поевтина енергија ги снабдуваме и болници, училишта, водостопански претпријатија, прехранбени капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата.

Што се однесува до топлинската енергија за Градот Скопје, кога сите кренаа раце и избегаа од одговорност, АД ЕСМ по задолжени од Владата го презеде и овој товар. И успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија на задоволство на огромен број на граѓани.

И покрај тековната криза со која се справуваме, паралелно ги реализираме инвестициите во обновливи извори на енергија. Ставена е во функција првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, а се градат уште две со приватни партнери од странство. Во тек се подготовки за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации. Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина.

Почитувани граѓани,

Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на сите наши вработени во рудниците, термоелектраните, хидроелектраните, во службите, на директорите на подружниците и ДООЕЛ-ите и менаџерскиот тим на АД ЕСМ, на Премиерот и министрите во Владата и сите оние кои помогнаа со својот влог и дополнителен ангажман да ги надминеме сите предизвици што ги донесе кризата.

За новогодишните и божиќните празници, на сите што не поддржуваа и тие што не критикуваа, тие што ни помагаа и тие што ни одмагаа, им посакувам добро празнично расположение. Празнувајте енергетски одговорно, штедете ја електричната енергија.

Во годината пред нас, на сите ви посакувам добро здравје и успех на секое поле. Среќна Нова 2023 година! “

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани