За Лабина Митевска доаѓањето на Манаки е секогаш емотивно. Таа има убаво минато со нашиот град и фестивал, како поранешна директорка.
Но, оваа година таа доаѓа како лауреат.
Добитничка е на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Наградата ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, а на познатата македонската актерка и продуцентка свечено ќе ѝ биде врачена вечерва.
Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебен придонес кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Годинава се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, велат од Друштво на филмски работници на Македонија