АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Одлука за изменување на Одлуката за согласност и кофинансирање на проектот “Smart4You2”, по втор пат не доби зелено светло во Советот на Општина Битола. Се однесуваше на пренамена на средствата од европски проект, наместо реконструкција на објектот „Парк“ кој се наоѓа во близина на обновениот со европски пари Офицерски дом во Битола, парите (во висина од 400 илјади евра) со амин на Европската делегација во Скопје беа пренаменети за изградба на велопатеки на две улици, „Партизанска“ и „Васко Каранѓелевски“ во должина од над 5 километри.
Новото мнозинство во Советот (СДСМ заедно со двајца од независните советници на „Поинаку“, Иван Чулакоски беше воздржан, ДОМ и ДУИ) денес гласаше против велопатеките со образложение дека општината има пари во буџетот да ги направи и од сопствени средства, а објектот „Парк“ сепак да се обнови со европски пари од првичниот проект.
„Со проектот “Smart4You2”, е предвидена активност за реконструкција на проектот ‘Парк’ со што реновирањето на Офицерски како целина ќе добие своја завршница...Општина Битола ќе ги добие долго посакуваните велосипедски патеки на одредените транши и нема да остави руина во Офицерски, ќе се заврши целиот комплекс. Општина Битола има доволно средства за да ги изработи велосипедските патеки, а за ‘Парк’ ќе биде многу потешко да одделиме пари. Да не замижуваме на фактот дека „Парк’ постои, дека е руина, туку да направиме нешто да заблиска целиот комплекс“, образложи Анастасија Трајковска, советник на ДОМ и член на работната група за велопатеките.
Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ; Бојан Бојковски реагира дека новото мнозинство закочи европскиот проект за кој и Европската делегација во Скопје даде пренамена на средствата.
„Иако денес јавно признаа дека проектот за изградба на велосипедски патеки е добар тие сега предлагаат истиот да се прави со средства на општината, а објектот ‘Парк’ да се прави од средства на ЕУ. Свесно ја манипулираат јавноста знаејќи дека тоа не може да се прави бидејќи е склучен Анекс на договор со ЕУ за изградба на велосипедски патеки. Со ваквите непромислени потези свесно се доведува во опасност одобрениот проект од ЕУ, а со тоа и понатамошното користење на овие средства на други повици.
Ние како советничка група се сомневаме во намерите на СДСМ и колешката советник од ДОМ, дали зад ваквото инсистирање за изградба на објектот ‘Парк’ се крие некаков личен финансиски интерес или објектот е ветен на некој нивни близок член“, ни изјави Бојкоски кој пред гласањето им подели печатени европски знаменца на своите колеги со надеж дека ќе го прифатат проектот.
Претседателката на Совет, на ова дофрли -„знаеме сите колку сме за европски вредности не мора да се докажуваме“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.
А.Блажевска