Илина е првото родено бебе на Одделението за гинекологија во Битолската клиничка болница, а подоцна во ноќта се родија уште две машки бебиња.
Во 2.07 часот во Клиничката болница во Битола, на свет дојде Илина, првото новороденче родено во оваа установа во 2024 година. По Илина, родени се и две машки бебиња.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, ги посети мајките и новороденчињата и во име на општината им додели пригодни подароци.
„Денес сме тука со колегите од мојата професија, каде што присуствуваме на убав чин, каде во име на граѓаните и на општина Битола да поделиме скромни подароци за новороденчињата. Битола ја доби Илина, убаво женско име кое ќе го краси градот, честитки за родителите, а по Илина се родија и две машки бебиња. Добро здравје и успеси за сите, а болницата да расне со нов персонал“, рече градоначалникот Коњановски.
„Во првиот ден во 2024 година, честитки до мајката, бебето да е здраво и живо, да расте во бериќет со своето семејство. На персоналот кој одговорно работеше во Новата година, честитки и само успеси. Не само на одделението за гинекологија туку и на сите одделенија, каде што работеа дежурните екипи. Ноќта помина мирно, без потешкотии“, рече директорката на Клиничка болница, д-р Елизабета Ивановска.
По Клиничка болница, градоначалникот ја посети приватната болница „Плодност“, каде првото женско новороденче во 2024 година се роди во 00.10 часот и се вика Антониа. Тој ги посети мајките и нивните новороденчиња при што им подели и соодветни подароци.
„Чест и задоволство е да се биде во болницата „Плодност“, ја имаме Антониа, женско првородено бебе и уште едно, Матео, така што годинава, како што беше и во Клиничката болница, ќе биде плодна, женска. Посакувам успех, здравје, пред се на родителите и на корисниците на услугите на оваа институција, на персоналот успеси во иднина и во иднина да се среќаваме само за убави работи“, посочи градоначалникот Тони Коњановски при посетата на болницата „Плодност“.
„Првото бебе е женско, породено во 00.10 часот на мајка од Битола, а второто новороденче е машко, макјата е од Прилеп. Во тек се уште две спонтани породувања, кои што ќе се завршат за многу брзо време. Со оглед дека имаме и три новороденчиња од вчерашниот ден, вкупната бројка денес ни е 7 бебиња. Со оглед на тоа што денес се 4 новороденчиња, а минатата беа 833, очекувам четири цифрена бројка на новородени во оваа година“, рече директорот и сопственик на Болница „Плодност“, д-р Таше Трпчевски.
Градоначалникот Тони Коњановски во оваа прилика уште еднаш им ги честиташе Новогодишните празници на сите свои сограѓани, со желби за успешна и бериќетна година.