АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општината има средства и можност за обнова на планинaрскиот дом Копанки во многу краток период, но условите мора да бидат прецизирани и во корист на сите граѓани, бидејќи овој дом треба да биде објект од јавен интерес, а финансирањето со јавни пари бара и регулирани односи.
Но, другата страна нема слух, вели градоначалничката Наташа Петровска, коментирајќи ги случувањата околу планинарскиот дом „Копанки“.
-Јас се обврзав и кажав дека од интерес е планинарскиот дом да биде изграден и низ низа иницијативи изминатиот период тоа го потврдив. Исто така, со средствата што ќе бидат одобрени, Општина Битола тоа може да го направи за многу краток период. Но, сепак треба да се склучи договор со ПСК „Пелистер“ , да се прецизира кој ќе управува со планинарскиот дом Копанки, затоа што тој е од јавен интерес. Државна или локална институција не може да финансира приватна сопственост. При тоа направивме повеќе обиди како тоа да се регулира, но од другата страна во изминатиот период немаше слух“, рече Петровска.
Таа го потсети претседателот на ПСК „Пелистер“ Диме Попов, што кажувал како советник во општинскиот Совет во 2013 година, кога веднаш по опожарувањето на домот, тогашната опозициска СДСМ бараше од општинкиот буџет да се одобрат пари за обнова на Копанки.
-Попов тогаш рече дека е рано и дека тоа не треба да се прави во тој период, со образложение дека планинарскиот дом е граден во еден друг општествен систем, под други закони. Исто така како главно негово обрзложение беше тоа што во тој период не беше завршена легализацијата, а изрази надеж дека по завршување на таа процедура општината ќе пројави интерес за возобновување на планинарскиот дом. Постапката за легализацијата завршила во 2015 година. Се поставува прашањето зошто Попов, по легализирањето на објектот не презел активности за заедно со тогашната локална власт да се реши овој проблем. Сега кога легализацијата е завршена, а општината покренува иницијатива, повторно се јавува проблем околу тоа дали и како треба да биде саниран планинарскиот дом, а очигледно е дека некому некои математики не му излегуваат, рече градоначалничката.
Планинарите ова лето почна со обнова на планинарскиот дом Копанки, кој беше опожрен во 2013 година. Градежните материјали ги прнесуваа со жичарницата, која сега не работи. Од Општина Битола во неколку наврати информираа дека се подготвени да издвојат средства од буџетот за оваа намена и ги повикаа челновите на ПСК Пелистер да ја отстапат сопственоста на домот под услови прифатливи за планинарскиот клуб. Планинарите одговорија дека според Статутот на Здружението не можат да отуѓуваат имот, а сопственоста не ја гледаат како пречка за обнова на домот.
Во меѓувреме несогласувањата од Копанки, се преселија на битолските улици. Утрово, членовите на ПСК „Пелистер“ кој учествуваат во изградбата на планинарскиот дом, ги фарбаа избледените пешачки премини, а на нивната фб страница напишаа
„Поради опструкциите што ги трпиме при обновата на планинарскиот дом ‘Копанки’, спречени сме интензивно и секојдневно да работиме врз неговата санација. Затоа, дел од нашето време и од донираните пари, одлучивме да ги ставиме пак во служба на граѓаните, но овојпат во функција на безбедноста на нашите деца. Во пресрет на новата учебна година, одвојуваме дел од донираните средства и планираме да ги обележиме пешачките премини пред битолските училишта кои се во катастрофална состојба“
Иницијативите на граѓаните за решавање на проблемите во градот се секогаш добредојдени, рече Петровска, но нагласи дека тие треба да се спроведуваат во законски рамки, а не да се прави ситен популизам
„Како градоначалник побарав, тогаш кога се објавуваше јавен повик за обележување на хоризонтална сигнализација, да се нагласи дека треба да се води сметка за квалитетот на бојата, за да не се најдеме во ситуација веќе обележаните пешачки премини брзо да ни се избришат. Тоа ни се случуваше во Општина Битола и реагиравме сите како граѓани. Таков повик објавивме уште во месец април, но поради новите критериуми, немаше ниту еден пријавен, односно понудувач на тендерот. Потоа веднаш се спроведе втора постапка која што е во завршна фаза, избран е понудувачот, но тече жалбена постапка од друг понудувач. По одлуката, ќе се спроведува обележувањето на хоризонталната сигнализација“, посочи градоначалничката Петровска.
Во меѓувреме, на терен увид изврши општински инспектор за патишта и претставник од комуналното одделение, по што се изготви записник, во кој е констатирано неовластено одбележување на хоризонталната сигнализација кај основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола.