2win800x200

Општина Битола и фабриката „Кромберг и Шуберт“ градат нова градинка

Јуни 05, 2024

БИТОЛА – Во Битола како своевиден феномен може да се толкува состојбата во која се празнат училишните клупи, а нема место во градинките за згрижување на најмалите. На крајот на секоја учебна година и пред почетокот на летото секогаш се разгорува прашањето, дали наесен ќе се најде место во градинките за згрижување на децата од предучилишна возраст. Лани во септември на листата за чекање беа 900 деца. Годинава очекувано е ситуацијата да се пресликува.

 

Но, добра вест е што напредува градбата на новата градинка во Битола во новата населба Златен рид или во поранешната касарна.

Ова е прва градинка во Битола после период од 30 години, што се гради од темел. Во неа вложува германската фабриката за производство на автомобилски кабли во ИЗ „Жабени“- „Кромберг и Шуберт“ и Општина Битола. Првичната сума изнесуваше околу 400.000 евра. Германската фабрика е од особено значење на битолската економија и пошироко во Пелагониско-преспанскиот регион, вработува над 6.000 работници, а фокусот е младите да останат дома и да се намали иселувањето.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, изврши увид на градежните активности за изградба на детската градинка во АРМ, каде се финализира првата фаза од изградбата. Се работи на покривната конструкција и дограмата, по што ќе следува отпочнувањето на втората фаза за внатрешно уредување на просторот.

„Со оваа динамика, до идната година, градинката би била целосно завршена. Завршувањето на изградбата и адаптацијата на објектите предвидени за детски градинки е од голема важност, заради надминување на проблемите со долгите листи на чекање во детските градинки“, изјави Коњановски.

Целосната проектна документација беше одобрена од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Новата градинка во поранешната Касарна ќе биде со капацитет од 260 деца, 13 занимални и сопствена кујна. Ќе биде изградена по најсовремени стандарди со запазување на сите енергетско-еколошки стандарди.

Големи се очекувањата на младите брачни парови во новата населба Златен рид во Битола од изградба на новата градинка, особено што ќе се намали бројот на деца кои чекаат со месеци за да бидат примени во постојните две градинки.

„Ги чуваме децата од синот, оти нема место во градинката. Синот работи во германската фабрика и очекувањата од новата градинка се големи за вработените“, вели пензионирана битолчанка.

„Имам внук од ќерката и пола година чекавме згрижување во градинка, не бираме во која дали блиску или далеку од населбата, само да има место да го згрижат, оти сите одат на смени, нема која да го чува“, се жали битолчанка.

Новата градинка во поранешната касарна ќе биде под надлежност на градинката „Мајски цвет“ во Битола која веќе згрижува над 800 деца.

Листата на чекање лани во оваа установа беше близу 400 деца.

Почетокот на изградбата на новата градинка беше во март 2021 година, но Општина Битола како финансиер тогаш објави дека  е во постапка на раскинување на договорот со изведувачот на новата градинка што претходната локална самоуправа почна да ја гради заради ненавремено извршување на работите од страна на изведувачот.

Од лани до годинава изградбата значајно напредува.

Битолчани се во исчекување да биде реализирано ветувањето и за нова градинка во Нова Битола во населбата Димче Лахчански. Неа почна да ја гради Министерството за труд и социјална политика и Општина Битола, но неодамна Министерството го раскина договорот со изведувачот, така што моментално тука работите стагнираат. Од Општина Битола, велат дека ова е меѓу првите прашања кои ќе ги актуелизираат кај новиот министер за труд и социјална политика, со цел брзо завршување на потребната ревизија на досегашниот тек на постапките и продолжување на изградбата.

Во таа градинка треба да бидат згрижени околу 150 деца.

Општина Битола во соработка со МТСП подготвува уште еден простор за детска градинка во Домот за доенчиња и мали деца. Во овој објект наскоро се очекува да бидат завршени работите за целосна адаптација на просторот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани