АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Три куфери“, вака е насловена најновата серенада која Велчо Петровски-Папал ќе ја пее на годинешното издание на битолскиот фестивал "Ех таа серенада" 2024.
Композицијата е по текст на Папалот, а музиката и аранжманот ја направи нашиот виртуоз на хармоника професорот Кирил Стојчевски.
Во песната „Три куфери“, Папалот во староградски битолски манир ќе не „прошета“ од „Солунска“ до „Белградска“ во Битола.
Велчо Петровски е автор на безвременски текстови и изведувач на сега веќе познати хитови.
Неговиот долгогодишен пријател и соработник продуцентот Панде Димитровски автор на манифестацијата „Незаборав“ за Папалот вели дека „некогаш знаеше да го предизвика вниманието со добро аранжирани излози низ битолските дуќани, а особено поранешните стоковни куќи во Битола, а во последните децении Папалот ги осмислува текстовите на сега веќе безвременските хитови каде се јавува и како солист.“
Нема битолчанец да не ги знае и потпевнува рефрените од песните „Кога сум со сопругата - на пругата“, „Градско точаче“, „Меѓу две реки“...
Фестивалот на битолската серенада "Ех таа серенада" 2024 ќе се одржи на 11 јули, во Офицерскиот дом во Битола, а на него ќе бидат изведени 16 нови композиции.
А.Б