2win800x200

Во Битола конференција посветена на промоција на конзулите

Август 21, 2024
Денеска во присуство на заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, конзули и почесни конзули во Република Македонија, Градоначалникот Тони Коњановски, секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, претставници од бизнис заедница, ректори, декани, професори и претставници од невладиниот сектор, се оддржа конференција посветена на промоција на конзулите, функцијата конзул и почесен конзул со наслов “Конзулски мозаик“ во Градот на конзулите. На конференцијата зедоа учество Почесните конзули: Калиопа Кривашија Стилиновиќ - Почесен Конзул на Р. Франција, Марко Андонов, Почесен конзул на Грузија, Михајло Филев, Почесен конзул на Р. Србија во градот Охрид и Марјан Бојаџиев, почесен конзул на Унгарија и ректор на Американ Колеџ во Скопје.
Можно е да е слика од 3 луѓе
Конференцијата започна со едноминутно молчење и оддавање почит на Силјан Мицевски кој од 2007 година со Одлука на Владата на Република Србија бил назначен за Почесен Конзул на Република Србија во Битола.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги поздрави присутните, потенцирајќи ја важноста на оваа конференција за зајакнување на меѓународната соработка:
„Верувам дека со денешните говори и дискусија, ќе отвориме многу прашања важни за конзулското делување, за моменталните состојби и идните планови, кои преку вмрежување и континуирана соработка, секогаш можат да дадат голем придонес за културно – туристички и економски напредок. Стремежот за создавање на подобри услови за сите граѓани, како и европската перспектива на Македонија, најуспешно се остваруваат низ конструктивност, дијалог, соработка, добро планирање и инвентивност.
Битола е град кој повторно станува привлечно место за инвестиции и на тој начин се придонесува за зајакнување на локалната економија и подобрен животен стандард.
Ваквата конференција очекувам да отвори и нови теми и нови можности за соработка во делот на образованието, младите и други дејности, затоа што веќе докажано имаме реализирано повеќе успешни проекти со дел од конзуларните претставништва во нашиот град, кои активно и неуморно функционираат на зајакнување на партнерствата на градовите и државите“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Можно е да е слика од 4 луѓе, осветлување и текст
Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, потенцираше дека во следниот период министерството ќе се заложи за поголемо искористување на Европските фондови од страна на Македонија, затоа што во досегашниот период голем дел од средствата останувале неискористени и враќани кај донаторите. Исто така, министерството ќе работи на отворање на нови можности за финансирање, но и на меѓународна промоција на Македонија и пред се Битола, која како конзулски град, навистина има многу што да понуди.
Настанот опфати теми поврзани со промоција и значење на титулата Конзул и Почесен Конзул, се дискутираше за активностите кои Почесните конзули ги преземаат во текот на годината, актуелните случувања, Виенската конвенција...
Секретарот на општина Битола, Борче Димитровски, истакна дека Општина Битола има одлична соработка со почесните конзули, но исто така и со сите културно уметнички друштва или невладини организации, особено на полето на културата, меѓу кои може да се споменат неколку, како хрватското друштво „Марко Марулиќ“, словенечкото здружение „Триглав“ и многу други.
Можно е да е слика од 6 луѓе
„Со поддршка на францускиот почесен конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, општина Битола реализирала неколку проекти, меѓу кои проектот Сигналитика, проектот со кој се поставени информативни табли со QR код, кај одредени знаменитости на градот, како и проектот Џез мрежа Франција Балкан, во кој општина Битола е дел веќе 4 години, како и обезбедени донации за ТППЕ Битола.
Силните страни кои ги има општината, покрај поволната геостратешка положба, е тоа што е универзитетски центар, општина со активни субјекти од бизнис секторот, квалификувана работна сила и голем природен и културно - туристички потенцијал. Индустриската зона „Жабени“, е уште една силна страна на општина Битола, а во силните страни на општината е и транспарентното работење преку активна соработка со сите чинители, вмрежување и иновативност. За поголем економски развој на општината, меѓу другото, потребно е да се подобрат бизнис и патна инфраструктура, но и да се намалат долгите бирократски процедури. Можностите за економски напредок, се во директна корелација со пристапноста на домашните и меѓународните фондови, следењето на новите трендови и дигитализацијата на услугите, како и пристапот до центри за доквалификација, преквалификација на работната сила и стекнување на соодветни практични вештини“, истакна секретарот Димитровски во своето обраќање.
Можно е да е слика од 2 луѓе и костум
Настанот, кој е поддржан од Општина Битола, беше во организација на консалтинг компанијата „Адвертајзинг Тајм“ од каде посочија дека, во градот под Пелистер, град кој плени со својата историја и култура, во градот на Конзулите за првпат се организира една конференциска дружба на која се дава можност сите заедно да придонесат во градењето и спроведувањето на иновативната мисија насловена како – „Обединети кон мир и меѓусебна соработка“.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани