2win800x200

Хари Костов: Понудената цена од 3.200 денари по акција ќе биде прва, последна и единствена понуда од Комерцијална банка за преземање на Стопанска банка Битола

Август 22, 2024

Нема да има дополнителна понуда за акционерите на Стопанска банка Битола, открива Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, во интервју за порталот „Фактор“ во кое ги разјаснува сите аспекти од понудата која Комерцијална банка ја даде за преземање на Стопанска банка Битола. Во интервјуто кое го направи Главниот уредник на „Фактор“, Нина Нинеска-Фиданоска, Костов зборува кои се мотивите на Комерцијална банка да ја преземе Стопанска банка Битола, дали понудата од 3.200 денари за акција е пристојна, колкав процент од акционерите се очекува да ја прифатат понудата, но и за други прашања на оваа тема.

Со оглед на важноста на темата која изминатиот период е во фокусот на јавноста, и која ќе има влијание врз консолидација на домашниот банкарски пазар, со дозвола од „Фактор“, интервјуто го пренесуваме интегрално:

 

Господине Костов, деновиве во бизнис јавноста во земјава најинтересна информација е понудата од Комерцијална банка до акционерите на Стопанска банка Битола за купување на сите нивни обични акции со право на глас. Можете ли да ни откриете зошто Комерцијална банка се одлучи на ваков чекор да ја купи Стопанска банка Битола, кои се мотивите на банката со која раководите?

Костов: Ќе ми дозволите малку пошироко да одговорам на ова прашање, па и да укажам на некои моменти за кои, барем досега, не сум говорел во јавноста. Сé до 2000 година Комерцијална банка беше банка која скоро целосно беше посветена на стопанството и на населението во градот Скопје, со незначително, скоро никакво присуство во другите градови на Република Македонија. Потоа Комерцијална банка почна да се проширува на целата територија на државата, главно со отворање свои филијали, но и со преземање на некои тогашни помали банки. Денес, Комерцијална банка, според активата, е далеку најголема банка во државата. Да потсетам, во 2001 година Комерцијална банка ја присоедини кон себе поранешната Пелагониска банка Прилеп, која стана филијала на Комерцијална банка и денес е една од најдобрите филијали на Банката. Доколку не се присоединеше со Комерцијална, прашање е дали Пелагониска банка со тогашниот квалитет на своето кредитно портфолио, ќе можеше да опстане во банкарската конкуренција. Во таа година, идентична понуда за присоединување дадовме и до Кумановска банка. За жал, и покрај тоа што на првото Собрание мнозинството акционери на Кумановска банка гласаа за присоединување кон Комерцијална банка, заради определени притисоци, на повтореното Собрание не помина одлуката за присоединување. Комерцијална банка отвори своја филијала во Куманово, а Кумановска банка продолжи со тогашната акционерска структура, потоа се појави некој си наводен „странски“ инвеститор, и по неколку години Кумановска банка пропадна.

Уште еден момент. Некаде во 2005 и 2006 година, кога беше коњуктурен период и кога поголемите европски банки купуваа и преземаа банки во Централна и Југоисточна Европа, Комерцијална банка имаше иницијатива за присоединување на уште две помали банки од Македонија. Размислувањата во Комерцијална банка ни беа дека ако сакаме да привлечеме некоја поголема странска банка која е бренд на европскиот пазар, тогаш секако дека таа банка би била заинтересирана да преземе банка која има најголемо учество во банкарскиот пазар во Македонија. Во тој период, поголем број беа банките во Македонија кои беа заинтересирани да се продадат, отколку што имаше навистина некои големи бренд банки кои беа заинтересирани за купување на банка во Македонија. За жал, иницијативата на Комерцијална банка за присоединување со некои од помалите банки не успеа, пред сé по мое мислење, заради личните интереси на некои од тогашните менаџерски структури на тие банки и секоја банка си продолжи самостојно по својот пат.

Сега и за тоа кои беа мотивите и зошто Комерцијална банка се одлучи да даде понуда за преземање на Стопанска банка Битола? Од една страна е фактот дека Комерцијална банка го остварува својот органски раст со пазарно работење, со издвојување секоја година на значаен дел од својата добивка во резерви, со што се зголемува и капиталната сила на банката. Но, натамошен раст на Банката може да се оствари и со таканаречените спојувања и преземања на некои помали банки. Од друга страна, иако можеби некои не мислат така, сепак во Македонија има преголем број банки и мислиме дека има простор за натамошна консолидација. Еден таков пример беше спојувањето на Шпаркасе и Охридска банка пред неколку години. Помалите банки на подолг рок не ќе можат да ја издржат конкуренцијата, затоа што меѓу другото и нивните коефициенти на трошоци се поголеми од тие на големите банки и верувам дека има простор за натамошна консолидација, коешто впрочем е и тренд во ЕУ.

Сeто ова, заедно со желбата на Комерцијална банка уште повеќе да го зајакне своето присуство и работење во Пелагонискиот регион (после далечното преземање на Пелагониска банка Прилеп), доведоа до тоа менаџментите на двете банки да оценат дека е од заеднички интерес да се разгледаат аспектите на можно присоединување и да се спроведе длабинска анализа на работењето на Стопанска банка Битола, од која ќе зависи и натамошната постапка. Определени согледувања и анализи почнаа да се прават уште од последниот квартал на 2023 година, но целокупната длабинска анализа особено се интензивираше од април 2024 година, па сé до пред некоја недела. Резултат на таа анализа е и најавата од страна на Комерцијална банка за поднесување официјална понуда за откуп на 100 отсто од акциите на Стопанска банка Битола, за која веќе добивме претходна согласност од Народната банка и очекуваме истата да се официјализира најверојатно до крајот на овој месец, по добивањето на согласности од Комисијата за заштита на конкуренцијата и од Комисијата за хартии од вредност. Ваквата трансакција сметаме дека има поволности за акционерите на двете банки. Акционерите на Стопанска банка Битола можат да ги материјализираат, впаричат своите акции веднаш по евентуалното прифаќање на понудата. Од аспект на Комерцијална банка, пак, иако Стопанска банка Битола покажа загуба од своето работење за 2023 година, па и во некои квартални периоди на известување, сепак сметаме дека, можеби не веднаш, туку во еден период на среден рок, присоединувањето на Стопанска банка Битола, применувајќи ги политиките, процедурите и начинот на работење во рамки на Комерцијална банка, може да се покаже како профитабилна инвестиција и за акционерите на Комерцијална банка. Исто така сметаме дека ваквото присоединување ќе придонесе за натамошно зајакнување на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем во државата.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани