АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Александар Адамовски (професор по македонски јазик и литература и француски јазик)
Наставната функција: одделенски, или класен раководител е многу важна и одговорна функција, како во училиштето, така и надвор од него. Многу често, и во основно, и во средно училиште, се користи називот: класен/класна, наместо одделенски/одделенска.
Зошто е важна и одговорна оваа функција?
Затоа што наставникот кој води одделение, или клас, најпрвин, треба да има многу љубов, пред предизвикот со кој е соочен во тоа што го работи, како и неизмерно трпение во тоа што го води, а тие се учениците (или популарно кажано: моите деца, моето одделение, мојот клас, итн), а со нив доаѓа и педагошката евиденција во зголемен обем. Исто како втор родител на учениците, треба да покажува: грижа, внимание и разбирање за своите ученици, да знае да биде нивен другар, но и нивен строг и принципиелен наставник – педагог. Затоа што, мора да имаме предвид, дека имаме различни карактери на ученици, како и ученици со различни потреби. И тоа е навика и тактика. Само така е можен и очекуван бумеранг, како со учениците, така и со нивните родители. Во суштина, одделенскиот/класниот, не е само еден наставен час, тој е секој наставен ден, секој наставен час на училиште, во училиштниот двор, во спортската сала, итн. На тој час, не се вадат и регулираат само изостаноци (оправдани и неоправдани), ами се води дискусија на предвидени теми за тоа како ученицците да бидат подобри, поодговорни и попаметни во семејната средина, во училиштната средина и воопшто во општественото опкружување. Да знаат да мислат и да критикуваат, односно да градат сопствени ставови и идеи. За мене лично, одделенскиот час, отсекогаш бил исполнет час со дискусија и дебата за одредена тема, или пак, за одредена желба на учениците (макар и низ игра). Оттука, како ние, како наставници, ќе се поставеме со учениците, така тие ќе ни возвратат. Очекувањата треба да бидат на најзадоволително рамниште. Со максимален труд и огромна волја, и тоа го бидува. Чест е, да се биде одделенски/класен раководител, (знаат сите кои посветено, доследно и безусловно ја сакаат и почитуваат наставничката професија), меѓутоа и голема одговорност која низ годините на воспитание и образование, треба да „израсти“ и „искали“ генерации со: знаења, умеења, вештини, култура и почитување, и најважно со позитивни чувства. Односно, да извади од училиштните клупи, прави ученици, кои ќе достигнат максимална зрелост и кои ќе знаат да го трасираат својот личен и професионален пат. Најважен е првиот впечаток, а тој исто како добриот глас, надалеку се слуша.
Колку значи оваа функција?
Многу значи, затоа што одделенскиот/класниот раководител мора да има исклучителна контрола на своето одделение, односно на својот клас. Понекогаш, интуицијата навистина си го прави своето, очекувано, или не. Затоа, важи и Кодекс на однесување во рамките на училиштето, па и надвор од него (кој треба, многу повеќе да се почитува), нели, тука се и одредени училиштни и вонучилиштни предавања како од здравствен, така и од социјален карактер, од кои треба да се извлечат морални поуки и пораки (макар, биле и онлајн, со актуелниот предизвик на настава). Таква е нивната цел, да се биде од придонес и корист за себе и за останатите. За виртуелниот онлајн предизвик, во следна прилика.
Најважно: да се биде одделенски, односно класен раководител е ретка дарба. Не се учи, ами се носи со себе и се практикува, исто како да сте родени за неа. Благодарноста од неа, е многу значајна во животот, бидејќи секогаш и секаде, се сеќавате на љубов и радост со која сте го поминале работниот век, а таа емоција е посебна, најмила и незаменлива. Доживување и искуство кое нема цена.
Не може секој да биде одделенски/класен раководител. За тоа треба, кратко и јасно: многу, многу љубов, грст на позитивни емоции, и секако – авторитет. Само така, мисијата ќе биде успешна!
Поздрав до сите ученици и просветари, па нека биде среќна и успешна, уште една нова, учебна година пред нас!
Автор: Александар Адамовски (професор по македонски јазик и литература и француски јазик)
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)