АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Програмата „На кино па Олабај“ започна со проекција на „Патување пеш“, најновото дело на режисерката Тамара Котевска, кое ни отвори прозорец кон длабоките прашања за човековото патување – и буквално, и метафорично.
Филмот The Walk е длабоко емотивно патување кое нè потсети на храброста и упорноста што се потребни за да се изоди личниот пат, без разлика колку е тежок. Нè потсети на тоа колку често сме на границите меѓу стравот и надежта, меѓу беспомошноста и решителноста.
Во срцето на приказната е борбата за достоинство и за местото што го нарекуваме дом – нешто што многумина го земаат здраво за готово. Во душата, поттикнува чувство на благодарност за мирот и стабилноста што можеби ги имаме, но истовремено нè соочува со суровата реалност на оние кои не ги искусуваат овие привилегии.
Неда Маретиќ (модераторка) и Илија Тирицовски (во име на продуцентот ОХО) ни ги разлистаа вистинските слоеви на филмското дело. Публиката имаше можност да „нурне“ зад камерите, откривајќи го креативниот процес: од замислата, преку планирањето, до самото снимање и финализирање на филмот. Секој збор, секое прашање беше доказ дека филмот не само што нè пренесува во друг свет, туку нè поттикнува и да размислуваме на подлабоко ниво.
Проекцијата ја организира „Божиновски фондација“ во рамките на дополнителната програма на Меѓународниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки – На кино па Олабај.
Со програмата продолжуваме денес, со промоција на фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ на авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ, а во вторник со јавен настан кој спојува поезија, визуелна уметност и аудиовизуелни толкувања чии автор е уметникот Игор Трајковски Фоја. Во вторник започнуваме и со цилусот филмски работилници за млади „Наследниците на Манаки“ менторирани од режисерката Марија Џиџева и кинематограферот Димо Попов.
Програмата „На кино па Олабај“ ќе се реализира до петок, 27.09.2024 година во КЦ Магаза, Битола и е поддржана од Министерство за култура и туризам.