2win800x200

Истражувачки новинари од Македонија и Албанија за прв пат заеднички истражуваат прекуграничен криминал и корупција

Октомври 09, 2024

Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) од Скопје и Штег од Тирана формираа специјална коалиција од уредници и наградувани истражувачки новинари и репортери од Македонија, Албанија и САД чија примарна задача во првото истражување беше да ја истражуваат високата корупција која и овозможи на урбаната мафија со децении да профитира на сметка на обичните граѓани. 

Тимот новинари од ИРЛ од Македонија и Штег од Албанија - сите членки на Меѓународниот проект за известување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), повеќе од десет месеци работеше на првото од серијата истражувања посветени на трговијата со влијание во регионот. Новинарите собраа и анализираа над 3,800 документи, а наодите од истражувањата покажаа како владите на Македонија и Албанија преку државно-спонзорирани зделки им овозможиле на лица со влијание да профитираат на сметка на обичниот граѓанин.

Истражувањата ќе бидат објавени на 09ти октомври во 12:00 часот, на www.irl.mk (МК) и www.shteg.org (АЛ). 

ИРЛ од Македонија и Штег од Албанија се непрофитни медиумски организации чии што известувања се фокусирани на корупција, криминал и добро владеење. Организациите се формирани со поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), водечка медиумска организација во светот. Приказните на нашите репортери се објавувани во најреномираните светски медиуми како Гардијан (The Guardian), Базфид (BuzzFeed), Зидојче Цајтунг (Süddeutsche Zeitung), Њујорк Тајмс (New York Times), Пропублика (ProPublica), Шведскиот јавен сервис (SVT) и други.

Ова е прв прекуграничен проект за известување за организиран криминал и корупција помеѓу двете држави. 

Како соседни земји, Албанија и Македонија споделувале заедничка судбина со векови. Биле и непријатели и сојузници, освојувачи и освоени. Денес не поврзуваат многу работи, но најголемата заедничка закана за животот и живеачката на Албанците и Македонците е корупцијата и организираниот криминал.  Затоа, тимот на ИРЛ и Штег смета дека се потребни се прекугранични напори на граѓаните од двете држави за да се победи заедничкиот непријател. 

„Сакаме да покажеме како одложениот развој поради криминал, негрижа и корупција влијае поразително врз животите на граѓаните. Преку ваквите истражувања кои што не можат да се сретнат во меинстрим медиумите во двете земји сакаме да ги поттикнеме граѓаните да се борат против заедничкиот непријател на вистинскиот прогрес - корупцијата“, вели Сашка Цветковска, главен и одговорен уредник на проектот и ко-основач на ИРЛ.

Цветковска вели дека следува долга  и ангажирана прекугранична работа,  а до крајот на годината ќе се објави и првиот истражувачки прекуграничен документарен филм којшто ќе има свои јавни проекции во Тирана и Скопје. „За жал не можевме да најдеме телевизиски партнери за објава поради специфичните релации на албанските, па и македонските медиуми со своите огласувачи и со политичките и економски елити“, вели таа и додава дека тоа ни малку не ги обесхрабрува. 

Главната и одговорна уредничка на Штег, Линдита Чела вели дека проектот дава дополнителна вредност преку ангажирање и доставување обуки за вештини и интегритет на локалните известувачи и производители на видео. 

„Оваа акција за прв пат ќе го реши недостатокот на работна сила и кај репортерите и кај продуцентите во областите каде што локалните медиуми се главно духови на локални брендови или локални ТВ станици финансирани од партиите без критичко и истражувачко известување“, вели Чела. 

Проектот ќе биде првиот систематски и долгорочен проект за истражно известување на локално ниво направен според највисоките меѓународни професионални стандарди.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани