Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев, започна
одбележувањето на Денот на македонската револуционерната борба. Пред
споменикот кај Завод и музеј во Битола, почит оддадоа градоначалникот на
општина Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на општина
Битола, како и делегации од Сојузот на борци, Здружението на граѓани за
заштита на ликот и делото на Дамјан Груев и политичките партии.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, честитајќи го
празникот, нагласи дека денешниот ден нè потсетува на херојските подвизи
на нашите предци, но и на заветот кој нè обврзува да продолжиме да
работиме за иднината на Македонија и граѓаните на нашата држава.
„Денеска го одбележуваме Денот на македонската револуционерна борба, кој
потсетува на историските моменти на формирањето на Македонската
револуционерна организација и нејзините заложби за ослободување на
Македонија и формирање на самостојна и независна држава.
И денес, продолжувајќи со интелектуална борба и прогресивни идеи и
делувања, заедништво и сплотеност, заветот не обврзува да продолжиме да
се грижиме за иднината на Македонија, економскиот напредок на државата и
создавањето подобри услови за живот на сите граѓани.
Нека ни е честит и вековит Денот на Македонската револуционерна борба!“,
се вели во честитката на градоначалникот Коњановски, испратена по повод
денешниот празник.