Денес, во Офицерски дом се одржа Трета Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во организација на Комората на овластени архитекти и инженери. Тема на овогодинешната средба беше „Границите на архитектурата“.
Средбата ја отвори г-ѓа Кристинка Чулак, Претседателка на комората на овластени архитекти и инженери, а свое обраќање имаше заменик министерката за транспорт г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири.
После остварената средба во кабинетот на Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, на настанот присуствуваше и заменик градоначалникот на Париз г-дин Кристоф Најдовски каде имаше своја презентација и сподели искуство во делот на животната средина и просторното планирање на зелени површини.
Градоначалникот на општина Битола на присутните им се обрати:
„Ви посакувам срдечно добродојде во Битола, градот со изразен културен индентитет, романтичарска архитектура и големо гостопримство.
Благодарение на ваквите средби, имаме исклучителна можност да се запознаеме со значењето на архитектите и архитектите урбанисти во просторниот и урбанистичкиот развој на урбаните и руралните центри.
Што би значеле нашите политички одлуки без посветеноста, креативноста и инжинерскиот дух на архитектите? – Веројатно би останале нематеријализиран копнеж кон одредена цел. Инспириран од темата на оваа годишна средба, сакам да Ви порачам да останете креативни во „Границите на архитектурата“! Вашиот потенцијал му е потребен на целото општество.
Зградите што ги создавате, улиците и плоштадите што ги планирате, парковите кои ги осмислувате, се дел од нашето секојдневие, каде што живееме, работиме, учиме, рекреираме“.
Градоначалникот Тони Коњановски ја изрази својата Благодарност на Комората на овластени архитекти и овластени инженери за успешната соработка и афирмација на битолската архитектура, за афирмација на Офицерскиот дом со доделување на плакета со уверување дека ќе најде свое место меѓу многубројните признанија.
На останатите присутни на овој дводневен настан, Градоначалникот им посака успешна работа и пријатен престој во градот со желба архитектите од Битола на гостите да им ги пренесат убавините на градот “.