
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вечерва во 19 часот во Центарот за култура во Битола ќе се одржи свечената академија по повод 80 години настава на современ македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“- Битола. Претставата за свечената академија е насловена „Експериментум Македоникум“, во неа учествуваат ученици од сите четири години во гимназијата а се подготвуваше под менторство на професорките по македонски јазик Даниела Петровска и Симона Петровска. Преку драмска игра ќе биде испратена пораката дека нашата литературна историја е дел од светската литературна историја, и дека преку поезијата нашиот литературен и национален идентитет најбрзо влезе во идентитетот на народите на светот. Во претставата искористена е поезијата на Блаже Коневски, Радован Павловски, Анте Поповски.
„Нашата цел беше да покажеме дека овој народ, според максимата на Кочо Рацин е со свој идентитет, и тој македонски народ кој го носи тој дамнешен идентитет не треба постојано да се бори за него, туку да го покаже преку творечкиот чин. Така ја испраќаме онаа наша порака дека ние сме рамноправни граѓани на светот. Од таму ‘Експериментум Македоникум’ нагласува дека низ историјата можеби се правеле парадокси и неправди кон нашиот народ во обидот да се наметне друг идентитет, меѓутоа ние веќе 80 години живееме со потврден идентитет, со јасна цел дека ние сме граѓани на светот и треба да ги задржиме своите луѓе на сопственото тло“, рече Даниела Петровска, професор по македонски јазик и литература со триесет години работа во Гимназијата.