2win800x200

Промоција на книгата "Факсимили од роднокрајни писатели членови на Друштвото на писатели на Македонија"

Март 28, 2025

Во рамки на значајниот јубилеј – 80 години од основањето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 27 март 2025 година, во просториите на библиотеката се одржа промоцијата на книгата „Факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“ и претставување на каталогот посветен на Горан Стефановски, во читалната што го носи неговото име.

Книгата содржи биографски податоци и факсимили – уникатни примероци од рачно изработена хартија, на кои дваесет и пет македонски писатели оставија свои записи – поетски творби, извадоци од прозни дела, мисли и пораки. Авторите се истакнати членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), кои потекнуваат од Битола и околината, а многумина од нив и денес живеат и создаваат во градот.
487311585 1090417886460528 1785877264931427645 n
Факсимилите беа создадени во рамки на проектот „Факсимили од роднокрајни писатели“, реализиран во периодот 2022-2024 година од Весна Мундишевска-Велјановска и Валентина Ристеска, наставнички по графички стручни предмети во СОУ „Таки Даскало“ – Битола, заедно со учениците од графичката струка. Преку процесот на рециклирање на хартија и рачна изработка на уникатни листови, учениците не само што ја усовршија техниката на рачно изработена хартија, туку и ја зголемија својата еколошка свест.
Книгата „Факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“  издавач НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола м-р Емилија Стефановска Давкова, а приредувачи се Весна Мундишевска-Велјановска, м-р Фатма Бајрам Аземовска и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски. Овој труд ќе остане траен запис во роднокрајната збирка на библиотеката.
487033347 1090418313127152 67017626688149683 n
Во рамки на настанот беше претставена и брошурата „Горан Стефановски – Литературно и театарско наследство“, омаж на еден од најзначајните македонски драматурзи. Неговото дело останува инспирација за идните генерации театарски уметници, писатели и истражувачи.
Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановски Давкова, а збор зедоа и уредниците на брошурата, м-р Фатма Бајрам Аземовска и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски.
Оваа иницијатива уште еднаш ја потврдува мисијата на библиотеката како чувар на книжевното и културното наследство, создавајќи мост помеѓу минатото и иднината, зборот и сцената, инспирирајќи нови генерации да ја негуваат македонската литература и уметност.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани