„ПЕЛИСТЕР СИМБОЛ НА ОБЕДИНУВАЊЕ“ – ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА АКТИВНОСТИТЕ И СТУДИЈАТА ЗА РАЗВОЈ НА НП ПЕЛИСТЕР
Во салата на Советот на општина Битола, се одржа средба на Советот на засегнатите страни, во организација на Националниот Парк Пелистер, на која присуствуваа градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски и претставници од оваа јавна установа, професори од Факултетот за туризам, советници во Советот на општина Битола и останати присутни, љубители на Пелистер. На средбата, беше промовирана и Студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер, финансирана од општина Битола со одлука на Советот на општината, согласно Програмата за туризам.
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека еко-туризмот може да биде еден од важните локални економски двигатели за регионот.
„Потенцијалите кои што ги има Пелистер се огромни, добро познати на сите, но, сите ќе се сложиме дека се недоволно искористени. Она што го нуди оваа студија, треба да придонесе прво да ги согледаме потенцијалите кои што ги имаме, но и она што не сме свесни дека постои. Да ги сублимираме европските искуства во овој дел на развојот на туризмот и да направиме една сеопфатна студија, која ќе ги укаже потенцијалите имајќи го во предвид еколошкиот пристап во делот на развојот на туризмот, развојот на заедницата, локалниот економски развој, а еден од двигателите за локалниот економски развој се потенцијалите кои ги нуди туризмот. Сите заедно треба да направиме нешто за целиот регион, бидејќи Пелистер не е само на Битола, туку и на целиот регион“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски, пред присутните ги истакна предизвиците со кои се соочува НП Пелистер во овој период, плановите за работа во 2025 година и целосното воспоставување на систем на планински патеки. Пред присутните беа презентирани новата веб страница и новото брендирање (лого) на Националниот парк Пелистер.
Еден од изработувачите на студијата, проф. д-р Сашо Коруновки, посочи дека вредностите на Пелистер треба да се користат, но не да се искористат, туку да се зачуваат и за идните генерации. Студијата користи инклузивен пристап и пред се има за цел да овозможи успешен туризам не само на Пелистер, туку и на Битола. За развој на туризмот е потребна одржлива инфраструктура и добра продажба, односно добро понудени потенцијали на туристите, истакна Коруновски.