ОТВОРЕНА СПОМЕН КУЌА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА
Синоќа свечено беше отворена „Спомен куќата на Гоце Делчев“, во централното градско подрачје на Битола, во која македонскиот револуционер Гоце Делчев престојувал во 1901 година. Завод и Музеј Битола целосно ја реновираше спомен куќата, некогаш сопственост на семејството Ракиџиев.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, претставници на Советот на општината, пратеници во парламентот, делегации на Сојуз на борци Битола, претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, движење ЗНАМ за наша Македонија, здруженија на граѓани, институции кои го носат името на Делчев меѓу кои и ОУ Гоце Делчев, положија свежо цвеќе пред спомен куќата. Во оваа пригода, градоначалникот Коњановски истакна дека пораките на Делчев се дел од нашето живеење, но истите треба да се пренесуваат и на идните генерации.
„Денес на 122 годишнината од погибијата на нашиот Гоце Делчев, повторно, по неколку години ја отвораме спомен куќата како еден патоказ, кон враќањето на нашите спомени. Како што многу пати зборувавме, човек кој не си ја познава својата историја и кој не ги почитува своите спомени, како и да не постои. Благодарност за Завод и Музеј кој по многу години повторно ја отвори оваа спомен куќа. Со ова Битола не добива само историски споменик, туку и нова туристичка понуда која може да се посети, посветена на апостолот на револуционерна борба“, посочи Коњановски.
„Во куќата, каде е реновиран ентериерот и екстериерот, секој посетител може да погледне оригинални документи и артефакти. Внатрешноста на куќата е целосно реновирана со нов лик на музејската поставка. Станува збор за три простории во кои се изложени документи, текстови и изјави од периодот пред востанието, а во една просторија има восочна фигура на Гоце Делчев, покрај работната маса“, рече директорот на Завод и музеј Битола, Зоран Николовски.
Преуредувањето на музејската поставка во спомен-куќата се состои од три дела – историска соба и етнолошка соба, кои се наоѓаат на горниот кат и училница која се наоѓа на долниот кат од куќата. Синоќешниот настан беше заокружен со уметничка програма во изведба на членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.