СЕ ФИНАЛИЗИРА ИЗГРАДБАТА НА НОВАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА
Општина Битола активно работи на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за најмладите граѓани — изградба на нова детска градинка во просторот на поранешната касарна АРМ.
Со преземање на одговорен и посветен пристап, веднаш по стапувањето на функцијата, градоначалникот Тони Коњановски иницираше детални анализи на состојбата на теренот, при што беа утврдени неопходните чекори за надминување на затекнатите проблеми.
Како дел од подготовките, беше склучен договор за изведба на дренажен систем кој обезбедува заштита на објектот од високи подземни води, со нивно собирање и одведување кон атмосферската канализација. За оваа активност се инвестирани 4.750.114 денари.
Првата фаза од изградбата на градинката, која опфати изградба на карабина со надворешно застаклување, вклучуваше земјени, бетонски, армирачки, ѕидарски, изолатерски, столарски и покривачки работи. Вкупната инвестиција за оваа фаза изнесуваше 43.437.192 денари.
Во моментов е во тек втората фаза од проектот, која предвидува изведба на градежно -занаетчиски работи, целосно уредување на внатрешноста, партерно уредување и оградување на локацијата. За целосно завршување на објектот планирани се 79.594.915 денари.
„Почитувани битолчани, работиме посветено за вас — за нашите граѓани, за нашата иднина, за нашите деца. Ги надминавме затекнатите проблеми на теренот во 2021 година. Денес, градиме иднина. Новата детска градинка во просторот на АРМ е нашата заедничка приказна за успех. Тука ќе се згрижуваат 250 деца. Во моментов се врши поставување на сите инсталации: електрични, водоводни, канализациски и други.
Создаваме простор каде што иднината расте: безбедна, среќна и подготвена за новите предизвици. Затоа што нашата иднина се нашите најмлади," изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, за време на увидот во градежните активности.
Градоначалникот уште еднаш нагласи дека во овој период, посебно е ставен акцент на контролите во градинките и училиштата, во насока на зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите, во заедничка соработка и консултација со Дирекцијата за заштита и спасување, по што се преземаат соодветни мерки во насока на издадените препораки, за дислокација на училници.