2win800x200

Интервју со Вера Бешлиевска: Акумулацијата Стрежево има вода, но потребни се итни вложувања

Јуни 10, 2025
Вера Бешлиевска Вера Бешлиевска

Интервју со директорката Вера Бешлиевска: Состојбата со акумулацијата, вложувања и предизвици во хидросистемот „Стрежево“

СТРЕЖЕВО ПРЕД НОВА СЕЗОНА: ВОДА ИМА, НО ПОТРЕБНИ СЕ ИТНИ ВЛОЖУВАЊА

Системот функционира под зголемени предизвици поради старост, недоволна инфраструктура и потреба од кадар. Соработката со институциите е добра, но за одржлив развој неопходни се долгорочни инвестиции. Контролираното користење на водата и модернизацијата се клучни за сигурно водоснабдување и поддршка на земјоделството, вели директорката на ЈП „Стрежево“, Вера Бешлиевска, која нагласува дека претпријатието останува ликвидно, активно работи на санации и е целосно подготвено за почетокот на новата сезона.

Јавност: Каква е моменталната состојба со акумулацијата и кога се очекува почетокот на сезоната за наводнување? Кои се следните активности што ги преземате?


Бешлиевска: Звршија активностите за зафаќање на вода, што е и наша законска обврска, Законот дозволува зафаќање на вода од октомври до крајот на мај, односно до 1 јуни. Во моментот во акумулацијата има околу 73 милиони метри кубни вода. Почетокот на сезоната за наводнување ја диктираат климатските и хидролошките услови., но вообичаено започнува во текот на јуни. Сезоната формално почнува со донесување одлука и склучување договори со корисниците.

 

Јавност:  Колку ефикасно се користи водата и дали има загуби во системот?


Бешлиевска: Нашиот систем функционира веќе 47 години, така што загубите се очекувани. Во моментот сме фокусирани на санација на цевководната мрежа и каналите, каде што имаме можност сами да интервенираме. Сепак, неопходни се и поголеми инвестиции за комплетна реконструкција на делови од системот.

Јавност: Каква ви е соработката со надлежните институции?


Бешлиевска: Имаме одлична комуникација со Владата, особено со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Состаноците се одржуваат месечно, а активно учествуваме и во процесите за измена на Законот за водостопанство и во изработката на десетгодишен акционен план за приоритетни вложувања во хидросистемите. Соработката е на високо ниво.

Јавност:  Дали со овие вложувања ќе се опфати и системот „Стрежево“?


Бешлиевска: Да, вложувањата ќе се насочат кон сите подрачја каде што има реална потреба, вклучувајќи го и нашиот систем.

Јавност: Имате ли, конкретни планови за инвестиции и кои делови од системот се приоритетни?


Бешлиевска: Секоја година изготвуваме инвестициона програма, која зависи од обезбедените средства. Одржувањето го вршиме со сопствени ресурси, но за инвестиции бараме поддршка од Владата и меѓународни фондови. Приоритети се главниот доводен канал, алиментациониот канал и делови од цевководната мрежа. Следиме и појави на лизгање на земјиште и интервенираме каде што има потреба.

Јавност: Кој е најголемиот системски предизвик со кој се соочувате во моментот?


Бешлиевска: Главниот проблем е состојбата на главниот доводен канал, којшто е клучен за водоснабдување на Пелагонија, РЕК Битола, ЕЛЕМ и ЈКП Водовод - Битола. Каналот не е реконструиран 47 години и потребна е инвестиција за да се обезбеди неговата функционалност и во иднина, во наредните 50 години.

Јавност: Какви се последиците од таа состојба врз виталните корисници како РЕК „Битола“ и Водовод Битола?


Бешлиевска: Во моментов немаме проблеми. Во соработка со Градежниот факултет направивме увид на местата кои имаа потреба од проверка и добивме дозвола за максимален проток од 8,5 м³ вода во каналот, што е доволно за сите корисници.

Јавност: Ќе има ли, доволно вода за наводнување на Пелагониското поле и како стојат работите со наплатата од земјоделците?


Бешлиевска: Очекуваме доволно вода за наводнување, ако водата се користи, рационално и домаќински, од страна на земјоделците. Водата се штеди кога ја има, водата станува ресурс којшто сè помалку го има и од ова начело ќе се раководиме во текот на целата сезона.

Потребно е да се пријави секој корисник на вода од системот, за правилно и рационално определување на количините на вода. Досегашната наплата на искористена вода е задоволителна и се движи околу 96 проценти.

Јавност: Колку рационално ја користат водата земјоделците и какви мерки преземате за подобрување на одговорното користење?


Бешлиевска: Организираме средби со земјоделците, особено поради искуството од минатата сушна година. Ќе ги посетиме и ќе настапиме партнерски - водата е за нив. Наша обврска е да ја доставиме до изливните хидрантски места, а оттаму тие се одговорни за рационалната употреба. Кражбите се минимални, а мрежата не е намерно оштетувана.

Јавност: Каква е моменталната финансиска состојба на претпријатието?


Бешлиевска: Работиме со планирана загуба, која произлегува од амортизацијата. Сепак, сме ликвидни и ги подмируваме сите обврски навремено - кон вработените, кон државата, УЈП, добавувачите и сите партнери со кои соработуваме.

 

Гордана Гравче-Ивановска за „Јавност“ 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани