Градоначланикот Тони Коњановски во лично име и во име на Општина Битола на сите граѓани им го честита големиот државен и христијански празник Свети Климент Охридски.
-Голема е славата на денешниот ден. Македонската православна црква со посебно внимание, но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Делата на големиот просветител Свети Климент Охридски, имаат значајни цивилизациски вредности. Работејќи неуморно, големиот просветител Свети Климент, својот народ го просветлил, го образувал и го облагородил.
Да продолжиме да делуваме во духот на хуманоста, меѓусебното разбирање, почит и соработка. Светиклиментовите дела нека бидат наша водилка и поттик во исполнувањето на заложбите за создавање подобра иднина за нас, за генерациите што доаѓаат, како што тоа го прават и образовните институции од нашиот град чиј патрон е големиот просветител.
Нека е честит и вековит големиот празник Свети Климент Охридски, напиша Коњановски.