
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Новинарот Стево Башуровски ја напушти локалната битолската телевизија Тера. Башуровски кој речиси триесет години беше носечки столб на локалната телевизија сега е дел од пиар тимот на Општина Битола. За ова потврда добивме од Општина Битола дека Башуровски од неодамна е ангажиран во прес тимот на градоначалникот Тони Коњановски. Причините за заминувањето засега непознати.
Башуровски со децении наназад беше главен и одговорен уредник на ТВ Тера, најистакнат новинар водител на локалниот медиум чии интервјуа со политичари, бизнисмени, општествени работници од градот и државата беа најгледани и прераскажувани од севкупната понуда на телевизијата.
Во телевизија Тера неколку месеци пред заминувањето на Башуровски се згрижи новинарката Анета Шијакова, која во 2021 година замина за пиар на тогашниот кандидат за градоначалник на СДСМ, Христо Кондовски. После неколку години работа во компанијата на социјалдемократот Кондовски (чија фирма неодамна падна во стечај), Шијакова се врати на телевизиските екрани на локалната Тера.
Искусни и докажани телевизиски новинар во Битола се бројат на прсти, оттука неизвесно е дали локалната телевизија ќе најде соодветна замена (од кредибилен и искусен новинар, добар познавач на локалната самоуправа и политичката сцена во градот и државата) за Башуровски, за да ги продолжи интервјуата во емисијата „Директно“.
Во Битола во изминатите три децении се отвораа и затворија неколку телевизии. Згаснаа ТВ Орбис, ТВ Меди, ТВ Мега телевизија.
Со години се помал е интересот на младите за студирање или занимавање со новинарство. Новинарите што работат професионално новинарство во Битола се бројат на прсти.
Текст Анета Блажевска
Фото Фејсбук Стево Башуровски
