
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Норвешката технолошка компанија avilo викендов официјално ги отвори своите канцеларии во Битола, означувајќи нова фаза во својата интернационална експанзија и јасна определба за долгорочно присуство во Македонија.

Отворањето беше одбележано со свечен настан на кој присуствуваа претставници на компанијата, партнери и гости од локалната бизнис и технолошка заедница. Настанот помина во атмосфера на отворен дијалог, визија и заедничка амбиција за раст. Стратешка одлука со долгорочна визија Основачот на avilo, Steinar Mc Shane Eriksen, во своето обраќање истакна дека изборот на Битола не е случаен, туку резултат на внимателна проценка и препознавање на локалниот потенцијал. „Битола ја гледаме како град со квалитетни луѓе, технички знаења и култура на посветеност. За нас ова не е краткорочен чекор, туку долгорочна инвестиција во тим и заедница“, истакна Eriksen.

Локално лидерство и развој на тимови
Во рамки на настанот беше истакната и улогата на локалното раководство. Божидар Кукески, CEO на avilo за Македонија, нагласи дека отворањето на канцеларијата во Битола претставува силна порака за доверба во македонскиот кадар. Тој посочи дека фокусот ќе биде ставен на развој на софтверски решенија, вклучување на млади ИТ професионалци во меѓународни проекти и создавање работна средина што поттикнува раст, знаење и иновации.

Средба со градоначалникот на Битола
Во рамки на посетата, основачот на avilo заедно со менаџерскиот тим оствари и работна средба со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за соработка помеѓу локалната самоуправа и технолошкиот сектор, како и потенцијалот на градот како регионален ИТ-хаб. Технологија со докажани резултати и иновации avilo е норвешка ИТ и софтверска компанија со докажани успеси во развој на иновативни дигитални решенија за оптимизација и управување со индустриски процеси. Компанијата е особено препознатлива по развојот на напредни SaaS платформи за дигитализација на различни индустрии и комплексни оперативни системи, кои денес се користат од клиенти во Норвешка и пошироко во Европа.

Со своите решенија, avilo придонесува кон:
• зголемена оперативна ефикасност
• подобро следење и контрола на процеси
• намалување на ресурси и трошоци
• одржливи и паметни индустриски практики
Отворањето на канцеларијата во Битола претставува логично продолжение на овој развоен пат и јасен сигнал дека компанијата продолжува да инвестира во иновации, таленти и технологии со глобална примена, создадени во соработка со локални тимови.







