
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Не е присутна обвинетата Елена Спасеновска иако е уредно поканата.“ Ова го соопшти кривичниот судија Елена Журовска од Основниот суд во Битола, денеска на закажаната главна расправа за случајот со екс директорката на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола, на која и се суди за злоупотреба на службата и други кривични дела, процес поттикнат од истражувачката новинарска сторија на новинарката од Битола, Анета Блажевска.
Обвинението за злоупотребите на екс директорката го застапува обвинителката Ирена Атанасовска од Битола. Во судницата беа и двајца сведоци на обвинителството.
Адвокатот на обвинетата, отсуството на Елена Спасеновска од денешното судење го оправда со три извештаи од Ургентна медицина и Интерно од пред две недели кога обвинетата побарала лекарска помош во Битолската болница. Оттука судивката Журовска заклучи дека нема законски услови за почеток на судењето, па главната расправа ја одложи за 20 април годинава.
„Од страна на бранителот на обвинетата до Судот на 13.3 2026 година е доставен поднесок со кој бара одлагање на денешната расправа бидејќи обвинетата нема да биде во можност да присуствува на расправата поради здравствени причини за што достави медицинска документација и тоа два извештаи од Ургетна медицина од 3 и 4 март годинава, и извештај од Интерна медицина од 5 март 2026 година“, соопштија судијата Елена Журовска и го запраша адвокатот на обвинетата Олег Горгиев, околу боледувањето па тој наведе дека обвинетата –„има боледување од 11 март, отворено, и се уште не е затворено боледувањето.“
Судот заклучи дека обвинетата се наоѓа на отворено боледување и побара од адвокатот известување во оригинален документ кога ќе биде затворено боледувањето да се достави до Судот.
Од страна на полномошникот на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола, кој е оштетено правно лице, адвокатот Здравко Камбовски од Битола, до судот на 11 март 2026 е доставен писмен поднесок со кој како институција бараат од судот да им се овозможи активно учество во постапката во конкретниот кривичен предмет.
Обвинителката Ирена Атанасовска побара судот во делот на оштетното побарување да покани и да испита претставник на оштетеното правно лице Средношколски дом „Мирка Гинова“ Битола.
Текот на овој судски процес ќе биде пренесен до јавноста. Судивката Журовска на судењето каже дека претседателот на Врховниот суд донесе решение со кое се одобрува снимање и фотографирање на судскиот процес по овој предмет од новинарот, известувач Анета Блажевска.

Обвинетата Елена Спасеновска со поранешниот секретар на Средношколскиот дом Менде Петровски на кого според обвинението по неговото пензионирање му исплаќала дневници и трошоци за наводни службени патувања и му овозможила да продолжи да го користи службениот телефонски број
Во овој случај, по една година и осум месеци истрага, Основното јавно обвинителство од Битола покрена обвинение за Елена Спасеновска како поранешна директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола.
Новинарските истражувачки текстови за наводните злоупотреби на Елена Спасеновска започнаа во февруари 2024 година, па ОЈО Битола отвори предмет и по една година и осум месеци истрага до Основниот суд Битола поднесе Обвинителен предлог проти Елена Спасеновска, службено лице – поранешна директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“, која е обвинета за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување исправа, како и две кривични дела предвидени во Законот за трансформација во редовен работен однос.
Според обвинението со продолжените злоупотреби на службената положба во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата, на еден работник му овозможила неоснована исплата на надоместок за неискористен дел од годишен одмор, а по неговото пензионирање му исплаќала дневници и трошоци за наводни службени патувања и му овозможила да продолжи да го користи службениот телефонски број, со што на ученичкиот дом му предизвикала вкупна штета од околу 140 илјади денари
Дополнително, со пречекорување на своите службени овластувања, таа и самата си исплатила неоправдани трошоци од 8.176 денари кои ги направила при службени патувања во Србија и Унгарија.
Понатаму Спасеновска, спротивно на Законот за јавни набавки, не спровела постапка за јавна набавка и директно склучила договор за сметководствени услуги со правно лице, прибавувајќи му незаконски вкупна корист од 180 илјади денари.
Во текот на 2021, 2022 и 2023 година обвинетата, како директор на установа која има помалку од 300 вработени, имала право да ангажира најмногу по три лица врз основа на договор на дело без согласност од Министерството за финансии. Сепак, таа секоја година го надминувала овој број, па врз основа на писмени, па и усни договори на различни лица исплатила незаконски вкупно околу 390 илјади денари од буџетот на установата.
Во периодот од 2021-2024 година, ангажирала повеќе лица и со договор на дело за период подолг од 24 месеци без согласност од Министерството за финансии и на тој начин им исплатила 712 илјади денари.
Кривичните дела – Фалсификување исправа обвинетата ги вршела за да го оправда своето отсуство од установата, составувајќи лажни патни налози согласно кои со службеното возило патувала во околината на Битола, Крушево, Прилеп или Скопје, иако во тоа време е утврдено дека таа со службениот автомобил ја напуштала државата преку граничните премини Меџитлија, Ќафасан и Ново Село на еднодневни или повеќедневни патувања. Во периодот од 11.05 2022 до 06.12.2022 ова е констатирано во девет случаи. Во 2024 година обвинетата ја преправила во целост третата страница од Записникот на Управниот одбор на Државниот ученички дом, заменувајќи ја во целост содржината во делот на констатациите за службените патувања, стои во обвинителниот предлог на ОЈО Битола.
Елена Спасеновска беше директор на Средношколкиот дом во Битола околу 6 години како кадар на СДСМ. Партијата по низата скандали на обвинетата внатре со вработените се откажа од Спасеновска и во мај 2024 ја исклучи од Извршниот одбор.
Текст и фото Анета Блажевска
