АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Битола сеуште врне снег со зголемен интензитет. Во изминатите 24 часа новиот снежен бран од 30-тина, а наместа и 40 сантиметри, кој се надополни на веќе постоечкиот снег, донесе нови отежнувања во сообраќајот и одвивањето на секојдневните активности во Битола. Утринава, повторно започна координираната акција на Општина Битола со јавните претпријатија во градот, кои со своите екипи, иако постојано се на терен, ги мобилизираат сите свои капацитети за нормализирање на коловозите и тротоарите во градот и околните населени места, соопштија од Општина Битола.
Во соопштението пишува дека од вчера, КЈП „Нискоградба“ на терен исфрли околу 30 тони сол и околу 50 тони ризла низ сообраќајниците, а ставена е во функција целокупната механизација за чистење на коловозите. До утринава, оспособени се улиците од прв и втор приоритет, а се чистат патните правци кон населените места надвор од градското подрачје на Општина Битола. Се очекува 90% од населените места надвор од градот до претпладневните часови да имаат проодни патишта кон градот, по што ќе се пристапи кон чистење на пристапните улици од градските населби, кои не се опфатени со планот од прв и втор приоритет.
ЈП „Комуналец“ со своите екипи врши чистење на тротоарите, мостовите и пешачките патеки за оспособување на движењето на граѓаните. По главните коловози, на кои има тротоари, чистењето се одвива со механизација, а наместа работниците чистењето го вршат рачно со лопати, по што тротоарите се попрскуваат со ризла. Паралелно, вработените го чистеа градското шеталиште и парковите во градот, кои веќе имаат проодни пристапи. Главен проблем со кој се соочуваат екипите на „Комуналец“ е отстранувањето на ѓубрето, кое е отежнато во помалите улици поради затрупаноста со снег, но исто така и поради пристапите до контејнерите со ѓубре, кои се затворени од паркираните автомобили. Од ова јавно претпријатие апелираат граѓаните да не ги блокираат контејнерите за отпад, а истовремено, поради отежнатата проодност во помалите улици, ги замолуваат граѓаните на трпеливост во однос на собирањето на сметот.
Од ЈКП „Водовод“ информираат дека во текот на изминатите 24 часа, поради попуштање на температурите на сегашните -3 степени, по вчерашните -15, пријавено е оштетување и пукање на околу 70 нови водомери. Од таму велат дека водоснабдувањето во градот е нормално и тековно, но ги замолуваат граѓаните да ги заштитат своите водомери, затоа што со покачувањето на температурите се очекуваат нови дефекти.
Јавните претпријатија на денешната координативна средба ги договорија и активностите околу отстранувањата на големите количини снег. Откако ќе биде намалена потребата од постојано чистење на коловозите и тротоарите поради врнежите од снег кои сеуште траат, во текот на наредните денови и во текот на престојниот викенд механизацијата и работната сила ќе биде вклучена во отстранување на големите количини снег кои се оставени на рабовите на коловозите, по Широк Сокак и Старата чаршија.
Претпладнево Општина Битола и СВР Битола ги договараа активностите во однос на поголема координација на битолската полиција за справување со актуелната состојба, со соодветни насоки за зголемена безбедност во сообраќајот и движењето на пешаците. Апелот од СВР Битола до возачите е да не ги паркираат автомобилите на улица, затоа што во вакви услови дополнително се блокира отежнатиот сообраќај во градот.
Општина Битола апелира до граѓаните на поголемо разбирање за актуелната состојба во градот поради енормните снежни врнежи, која е речиси невозможно да се предвиди во вакви размери. Исто така, Општина Битола апелира на поголема совесност до граѓаните да не го фрлаат снегот кој го чистат од домовите и тротоарите, на коловозите кои се веќе исчистени со механизација.