АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Деновиве, во издание на книгоиздателството „Матица од Скопје“ од печат излезе најновата книга поезија со наслов „Песни за Палестина“ на познатиот битолски поет, долгогодишен новинар и публицист Панде Манојлов. Книгата содржи шеесетина песни исклучиво посветени на Палестина и страдањата на палестинскиот народ под окупација како и неуморната и праведна борба да се дојде до слобода.
Првата песна посветена на Палестина , Манојлов ја напишал во месец септември 1982 година во весникот „Нова Македонија“, инспириран од крвавите напади на палестинските логори Сабра и Шатила во кои беа убиени и ранети илјадници Палестинци. Песната веднаш , од страна на тогашниот скопски студент од Палестина, Абас Абделкарим била препеана на арапски јазик и објавена во четиринаесет држави од арапскиот свет. Останатите песни се напишани во последните триесетина години.
Книгата на 1 март оваа година беше промовирана пред учениците во Основното училиште „Славко Лумбарковски“ во селото Могила.
Панде Манојлов е автор на дваесет и осум книги поезија и проза и е член на Друштвото на писаелите на Македонија. Негови поединечни песни се објавувани на повеќе јазици.