АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во свечена атмосфера, но без присуство на гости од збратимените градови и други битолчани, денес во ФИКТ беа доделени Четвртоноемвриските награди, кои традиционално секоја година Општина Битоа ги доделува на Денот на годишнината од ослободувањето на градот. Градоначалничката Наташа Петровска во своето обраќање рече дека денес повеќе од било која друга прослава што сме ја имале, свесни сме колку значи заедништво, колку многу вреди творењето, колку повеќе сплотува создавањето.
Свесни сме колку значи заедништвото и почитта кон професионализмот, рече Петровска
„Свесни сме дека само со верба едни кон други, со почит кон професионализмот, кон стручноста, дисциплината можеме да ја премостиме оваа здравствена криза. Затоа правиме се за да ги вратиме најмилите во училиштата, каде е се поубаво од пред до некој година, да ги донесеме гостите ширум светот во нашиот Офицерски дом. Да ја видат приказната на браќата Манаки во новоопременото кино. Да се воодушевуваат посетителите на концертите на Хераклеја каде го подобривме пристапност, да ни се забавуваат децата во новите паркови. Нека пребродувањето на кризата се случи што поскоро за да со боемскиот битолски шмек уживаме во вечерните прошетки во јавното осветлување кое доби нов сјај. Стадионот нека трешти што поскоро со публика. Битола е нашето се'“, рече Петровска.
Таа додаде дека денес чувствата се измешени,има тага поради отсуството на нашите пријатели од збратимените градови и отсуство на нашите сограѓани од свеченоста, но и среќа за нашиот непокор и жив дух, за збратимувањето со Цетиње, за сите активности поврзани со 4 ноември.
Публиката што побрзо да се врати на спортските терени, рече Тодоровски
Наградата за животно дело ја понесе Петар Георгиев-Калица за музичките нумери компонирани во и за Битола. Едногодишна награда му беше доделена и на меѓународниот судиски пар Митревски Димитар и Тодоровски Благојче поради значајни достигнувања во областа на спортот и промовирање на Општина Битола и Република Северна Македонија во светот во натпреварувачката сезона 2019/2020.
„За жал, во ракометот се соочуваме со голем предизвик, многу превенства и натпревари се одложени, како и кај нас така и низ Европа, да се надеваме дека публиката ќе се врати на терените бидејќи спортот се игра за публика. Што се однесува на нашата светска кариера ние уште во 2000 година почнавме да судиме за во 2010 година да биде прв меѓународен судиски пар во историјата на Битола. Сме суделе на повеќе од 150 натпревари, сме ја претставувале нашата држава и град“, изјави Благојче Тодоровски.
Оваа награда ми е посебно драга зашто доаѓа од мојот роден град, рече Рендевски
За едногодишно остварување награда доби и доцент д-р Владимир Рендевски , специјалист хеурохирург, вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника за неврохирургија Скопје и доцент по прдметите хирургија и неврохирургија на медицинскиот факултет Скопје. Добитник е на престижната европска награда – најдобар научно истражувачки труд во категоријата на млади неврохирурзи на самитот во Крагуевац, Србија, како и второ место за научно истражување од областа на неврохирургијата на конгресот по неврологија и психијатрија одржан во Пула, Хрватска.
„Посебна благодарност до колегите од Клиничкиот центар во Ниш, Србија, за нивната несебична помош и заедничкото работење на овој долготраен мултидисциплинарен научно-истражувачки проект во кој научно работевме во изминатите шест години. Накратко ги испитувавме одредени параметри што влијаат врз исходот кај пациентите со хеморалгичен мозочен удар врз основа на тоа изготвивме математички модели со кои направивме предвидување и на исходот и на едемот кај овие акутно загрозени пацинети“, рече Рендевски.
МНД за првпат од независноста добива толку високо признание, рече Танушевски
Општината награда „4 ноември“ за 2020 година му се додели и на Македонското научно друштво од Битола. Бидејќи според конкурсните услови наградата се однесува на постигнати резултати до август 2020 година, неа ја подигна доскорешниот претседател, професор д-р Марјан Танушевски.
„МНД за првпат во независноста значи по 1990 година добива вака високо признание. Годинава Друштвото слави голем јубилеј 60 години од формирањето, а оваа јубилејна генерација со своите ангажмани возобнови многу работи. За првпат после 40 години го возобнови научниот собир посветен на фолклорот и етнологијата, дури после 30 години отпечативме монографија на Друштвото, ги реактивиравме врските со МАНУ и другите академии во регионот, направивме многу проекти на локално, национално и меѓународно ниво. Исторски потег беше што првпат после 60 години избравме и жена за претседател“, рече Танушевски.
Има збор што се вика НИЕТ во него е содржана мојата работа, рече Димитровски
Панде Димитровски, творецот на манифестацијата „Незаборав“ исто така доби награда за едногодишно остварување. Проектот опстојува 10 години, ги обработува и негува трајните вредности на групи, поединци и манифестации од областа на музичкиот живот и создава неизбришлива трага за нивните достигнувања.
„Постои еден збор НИЕТ во суштина тоа е мојот работен век новинарство, издаваштво, естрада и туризам. Тоа сето е вградено во 48 години работа и посебно ми е мило што годинава 10 години „Незаборав“ беше повод да ми се додели оваа награда. Продолжувам и понатаму да работам на неколку проекти во следните пет години. На кај би завршил во духот на ‘Без нареда’ магазин кој слави 15 години постоење, анегдотата гласи: милјарда и четрсто Кинези има, во Скопје не можеме да најдеме Кинез, но доколку прашате секој втор е битолчанец. Јас не сум втор бидејќи се вратив од Скопје и творам во Битола“, рече Димитровски.
Наградата доаѓа на 60 годишнината од градинката, рече Твирст Митревска
Меѓу петте овогодишни добитници на „4 ноември“ е и Лидија Твирст Митревска, директор на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ поради нејзините достигнувања од областа на социјалната заштита, нејзината секојдневна љубов, труд и посветеност кон градинките.
-Оваа награда ми е посебно драга зашто доаѓа на 60 годишнината од опстојувањето на нашата установа. Се надевам дека успесите и понатаму ќе продолжат“, рече Твирст Митревска.