
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Меѓународниот ден на образованието 24 јануари годинава го одбележуваме во време на пандемија што ни наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање решенија за непречена настава и квалитетно образование и во овие исклучително сложени услови, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод денешниот Меѓународен ден на образованието.
И покрај пандемијата, нагласува таа, Министерството за образование и наука продолжува силно да вложува во образованието и во подготвувањето на целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование за нашите деца.
– Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина, вели Царовска, се наведува во денешното соопштение од МОН.
Министерката Царовска потенцира дека и во време на пандемија е овозможено образовниот процес да тече непречена настава со комбинираниот модел: настава со физичко присуство, онлајн и со емитување часови на телевизија што не беше ни малку лесно. За сето ова да успее најголем придонес имаат учениците, наставниците и родителите.
– Децата, нашите ученици се и нашите херои во ова време, херои кои ни покажаа на сите нас дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина, ни одржаа лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности, истакнува Царовска.